Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк роуд банка АД Скопје како најголеми доверители на „Фени индустри“ Кавадарци, денеска до надлежниот суд во Велес поднесоа предлог за реструктуирање и реорганизација на Фени со отворање на стечајна постапка.

Од банките посочуваат дека компанијата „Енекод“ не ги исполнила превземените обврски кон вработените и сеуште нема постигнато согласност со нив за регулирање на обврските на комбинатот „Фени индустри“, а веќе се претставува како сопственик.

Целта на поднесувањето на стечајната постапка како што информираат од банките е во најкраток можен рок со продолжување на активностите на Фени индустри да се изврши реорганизација. Тие предлагаат да се изнајде сериозен инвеститор кој ќе може да ги преземе и сервисира обврските на Фени индустри кон вработените, банките и другите доверители и со дополнително инвестирање да овозможи натамошно работење на комбинатот.

Сегашниот сопственик на Фени индустри Кунико, има неисполнети обврска од 40 милиони евра кон трите банки, како и дополнителни 20 милиони евра кон останати доверители.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2017 16:41