Францускиот претседател Емануел Макрон изрази целосна поддршка за шпанскиот премиер Маријано Рахој откако парламентот во Каталонија прогласи независност.

– Имам еден соговорник во Шпанија и тоа е премиерот Маријано Рахој… Има правна држава во Шпанија со уставни правила. Рахој ја има мојата целосна поддршка, изјави Макрон за време на посета во Француска Гвајана.

Велика Британија „не ја признава и нема да ја признае независноста на Каталонија“, јавија британски медиуми пренесувајќи изјава на портпарол на премиерката Тереза Меј. Според него, декларацијата е врз основа на гласање што „го оквалификувавме како илегално“.

Премиерот на Белгија, Шарл Мишел ги повика денеска властите во Мадрид и Барселона на дијалог по одлуката за независност на Каталонија.

– Една политичка криза може да се реши само со дијалог. Повикуваме за мирно решение, напиша Мишел на Твитер.

Италијанскиот министер за надворешни работи Анџелино Алфано истакна дека „декларацијата за независност на Каталонија е многу сериозен чин и е надвор од границите на законот“.

Тој нагласи дека Италија нема да го признае едностраното прогласување независност од страна на каталонскиот парламент.

– Сега е потребен дијалог за да се поштеди населението од ескалирање на тензии, додаде Алфано.

Шпанија останува важен сојузник на НАТО, а Каталонија е внатрешно прашање кое треба да се реши во рамките на шпанските институции, изјави претставник на Алијансата.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2017 17:09