Премиерот на Шпанија Маријано Рахој објави вечерва дека ја разрешува регионалната влада во Каталонија предводена од премиерот Карлес Пуџдемон и обврските ќе му бидат преземени од Владата во Мадрид.

По седница на шпанската Влада, Рахој рече дека го распушта каталонскиот парламент. Исто така најави дека началникот на каталонската полиција ќе биде разрешен.

Премиерот на Шпанија додаде дека ќе иницира мерки по признавањето на незаконски донесената декларација за независност од каталонскиот парламент.

Рахој најави предвремени регионални избори на 21 декември.

Каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон ги повика Каталонците да останат смирени пред очекуваните мерки на централната власт во Шпанија по прогласувањето независност.

Обраќајќи им се на стотиците собрани поддржувачи на независноста, кои го наполнија каталонскиот парламент, Пуџдемон истакна дека „во деновите кои следуваат треба да ги задржиме нашите вредности на пацифизмот и нашето достоинство. Во наши и ваши раце е изградбата на републиката”.

Пуџдемон рече дека Парламентот го исполнил долго посакуваното ветување за кое се борел и кое кулминираше со мандатот добиен на референдумот за независност на 1 октомври, но забранет од централната власт на Шпанија.

Шпанскиот Јавен обвинител планира да покрене обвиненија за бунт против одговорните политичари кои изгласаа независност на Каталонија, соопшти канцеларијата на Обвинителството.

Обвинителот разгледува дали да се покренат обвиненија само против каталонската влада, вклучувајќи ги лидерот на автономната област Карлес Пуџдемон и вицепремиерот Уриол Жункерас, или да бидат опфатени и членови на раководството на каталонскиот парламент, како и пратеници, истакна портпарол на шпанското Обвинителство.

Според него, обвиненијата би можеле да бидат подигнати уште в понеделник.

Шпанскиот закон предвидува казни до 25 години затвор поради бунт, со полесни пресуди доколку бунтот не предизвикал насилство.

Каталонскиот парламент денеска прогласи независност од Шпанија, а веднаш потоа шпанскиот Сенат ја укина автономијата на Каталонија и одобри воведување директна управа во тој регион.

Членовите на каталонскиот парламент ја донесоа одлуката на тајно гласање, кое го бојкотираа пратениците на опозицијата.

Парламентот гласаше за покренување конститутивен процес за одвојување од Шпанија, со 70 гласови „за“, 10 „против“, а двајца се воздржаа од гласање.

Само неколку минути откако каталонските власти прогласија независност на областа од Шпанија, Сенатот во Мадрид и одобри на Владата на шпанскиот премиер Маријано Рахој да воспостави директна контрола врз Каталонија.

За укинувањата на овластувањата на каталонските власти, 214 членови на шпанскиот Сенат гласаа „за“, 47 беа „против“, додека еден член беше воздржан.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2017 17:17