Шпанскиот министер за внатрешни работи Хуан Игнасио Соидо Алварес ја предупреди каталонската регионална полиција дека е должна да го почитува Уставот на Шпанија и локалните закони.

Во отворено писмо до сите полициски единици во Каталонија – националната полиција, Граѓанската гарда и каталонската регионална полиција, министерот напиша дека треба да ги слушаат наредбите, да ги гарантираат правата на сите граѓани и да ги почитуваат шпанскиот Устав и каталонските закони.

Каталонската полиција „Мосос д’Ескуадра“ беше остро критикувана поради нејзината пасивност за време на референдумот на 1 октомври.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој ги смени началниците на „Мосос д’Ескуадра“ како дел од мерките, кои ги презеде Мадрид откако парламентот на Каталонија во петокот изгласа декларација за независност на регионот.

Соидо изрази поддршка за новоименуваниот начелник на каталонската полиција, Феран Лопес.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/10/2017 18:03