Грција денеска го повика шпанскиот амбасадор во Атина да ја повлече изјавата која ја дал за весникот „Елефтерос Типос“, каде наведува дека Атина не го поддржува единството на Шпанија, што предизвика тензии во односите меѓу двете партнерски земји-членки на ЕУ во врска со каталонското прогласување независност.
- Изненадени сме од коментарите на амбасадорот на пријателска и сојузничка Шпанија, кој јавно упати критики за грчката Влада, соопшти грчкото Министерство за надворешни работи.
Шпанскиот амбасадор во Грција, Енрике Вигера истакна за весникот „Елефтерос Типос“ дека добил јасни уверувања за поддршка на шпанското единство од страна на грчката конзервативна опозиција и претседателот Прокопис Павлопулос, но тоа не може да се каже и за левичарската Влада на грчкиот премиер Алексис Ципрас.
- Недостасуваат информации од грчката Влада во врска со тоа прашање. Меѓутоа, другите европски влади топло го поддржаа територијалниот интегритет на Шпанија и ставот на нашата Влада, нагласи Вигера.
Грчкото МНР го обвини денеска шпанскиот амбасадор дека „го навредува грчкиот Устав“, со тоа што вели дека претседателот Павлопулос не зборува во име на Владата.
Во соопштението на Министерството се укажува и дека со прифаќање на аргументите од политичката опозиција, шпанскиот амбасадор се меша во внатрешните работи на Грција.
- Го повикуваме амбасадорот да не се однесува на начин кој не е согласно дипломатските норми и очекуваме да ја повлече својата непримерна изјава, а на грчката Влада да и даде објаснување, се заклучува во соопштението. Инаку, портпарол на грчката Влада вчера соопшти дека грчките власти целосно го поддржуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Шпанија, како и која било иницијатива со цел обновување на демократскиот дијалог во рамки на шпанскиот Устав.