МФ ќе го претстави подготвениот предлог-буџет за 2018 година пред да се достави во Владата
Министерството за финансии веќе го подготви предлог буџетот и тој пред да се достави на разгледување во Владата ќе биде претставен пред јавноста.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, најави дека в четврток ќе биде организирана јавна дебата на која ќе се претстават контуирите на Предлог-буџетот за 2018 година.
- Законска обврска на Владата е Предлог-буџетот да го достави до Собранието до 15 ноевмри. Првпат досега ќе се организира јавна дебата на која ќе ги претставиме контурите на предлог буџетот за наредната година, изјави Тевдовски одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Светскиот ден на штедењето организирано од Здружението на банкарство при Стопанската комора на РМ.
Појасни дека ќе ги претстават нивните размислувања пред Владата да го усвои Предлог-буџетот.
Покрај дебата, како што рече, договорена е средба и со коморите за да ги слушнат нивните мислења во однос на подготвениот предлог буџет, како и на невладините организации и синдикати.
Откри само дека се планира буџетскиот дефицит да биде понизок од тој годинава и оти е проектиран на 2,8 проценти.
- Нашата идеја е да одиме со буџетски дефицит кој е за нијанса понизок од годинава, практично со буџетски дефицит од 2,8 проценти, рече Тевдовски.