Отворањето стечајна постапка за комбинатот „Фени“ не значи негово згаснување туку реструктуирање, наоѓање вистински инвеститор и продолжување на неговата економска активност.
Ова го изјави Хари Костов првиот генерален директор на Комерцијална банка АД Скопје, која е една од банките која ја бара стечајната постапка.
- Поентата на постапката што ја почнаа вчера банките и денеска со поднесување на официјалното барање не е „Фени“ да згасне и да престане да работи, туку напротив низ законска постапка, единствена можна да се реорганизра, ревитализира, реструктуира комбинатот и да продолжи со работење особено во период кога цената на фероникелот е релативно поволна, изјави Костов.
Оцени дека Фени нема да може да работи во ваква состојба кога има 40 милиони евра долг и ниту една банка нема да му даде кредит.
- Кунико се изјасни официјално дека немаат намера да вложуваат дополнително пари, Енекод досега нема вложено денар освен што има побарувања за испорачана струја. Кој е тој што ќе му даде на Фени дополнителни средства за да работи. Вработените треба да сфатат дека поенатата на овој процес е да се најде реален инвеститор, кој ја има силата да го изврши тоа реструктуирање и Фени да продолжи да работи, а не да престане да работи, потеницра Костов.
Потенцира дека има заинтересирано инвеститори и дека овој процес на отворање стечајна постапка ќе доведе до тоа кој инвеститор е финансиски најсилен да го добие.
- Има инвеститори кои само на хартија може да кажат дека се заинтересирани, а ја немаат финансисакта сила, а има и инвеститори кои ја имаат финансиската сила. Овој процес на отворање на стечајната постапка ќе доведе до тоа да таквите инвеститори се легитимираат пред стечајниот управник со финајнсиски средства и тој кој ќе се покаже како најсилен тој ќе ја добие, рече Костов.
Поддршка за опстојување на Фени дава и бизнис заедницата. Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески истакна дека нивна определба е индустриските капацитетите и извозниците да опстојат на пазарот и да се поддржат во моменти кога ќе имаат проблеми.
Порача до сите чинители и банкарскиот сектор и Владата да најдат решение со кое ќе ги поттикнат активностите без разлика какво ќе биде тоа.
- Секоја варијанта со која ќе продолжи економската активност на Фени ќе биде поддржана од нашата страна. Меѓутоа мора да водиме сметка дека живееме во услови на пазарно стопанство и тој е странски инвеститор во Република Македонија, а и банкарскиот сектор е приватен и сите тие елементи треба да се имат предвид, како и желбата на Владата да помогне во тоа, посочи Азески.
Според Азески, Фени е значаен економски субјект и во извозната активност, но и како регионален економски субјект надвор од Скопје и ќе биде могу голема штета ако пропадне.
Основниот суд Велес денеска отвори претходна постапка за испитување на условите за отворање на стечајна постапка за Фени индустри од Кавадарци. За времен стечаен управник е назначен Мирослав Атанасиевски од Гостивар, а првото рочиште е закажано за 13 ноември во Основен суд Велес.
Барањето за отворање стечајна постапка за Фени вчера го поднесоа Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк роуд банка АД Скопје како најголеми доверители на „Фени индустри“ Кавадарци.