Канцеларијата на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини денеска соопшти дека ангажирањето на хашкиот осуденик, генерал Владимир Лазаревиќ за предавач на белградската Воена академија е во спротивност на европските стандарди.
– Очекуваме политичките лидери да ги почитуваат жртвите на воените конфликти и искрено да го промовираат помирувањето, кое е од суштинско значење за стабилноста, иднината и просперитетот на Западниот Балкан. Политичките лидери треба да ги предводат напорите за надминување на тешкото минато и конструктивно да ја поттикнуваат взаемната доверба, дијалогот и толеранцијата, изјави портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич.
Во реакцијата се додава дека Србија како земја кандидат за членство во ЕУ, не може да отстапи од овие принципи и дека назначувањето на лице осудено за воени злосторства за предавача на Воената академија е спротивно на европските стандарди.
Против ангажирањето на Лазаревиќ како предавач на Воената академија, претходно се изјасни и претседателот на Косово Хашим Тачи, кој изјави дека генералит „со гордост ќе предава за современите методи кои неговиот режим и тој самиот ги користел во минатиот век во обидот за етничко чистење во Косово”.
Хашкиот осуденик Владимир Лазаревиќ е поранешен комадант на Приштинскиот корпус и на Третата армија на Војската на Југославија и веќе неколку дена држи предавања на Воената Академија.
Тој за „Вечерње новости“ изјави дека кога „гледа од кого доаѓаат критиките, се му станува јасно“. – Кучињата си лаат, а ветерот ги носим изјави Лазаревиќ.
Хашкиот трибунал во јануари 2014 година правосилно го осуди Лазаревиќ на 14 години затвор за злосторства против човештвото, за помагање, поттикнување и присилна депортација на цивили, како и за помагање на кривични дела извршени за време на најсериозните злосторства против цивилите, вклучувајќи и масовни убиства во Косово во 1999 година.
Како што тврди „Инсајдер“, одлуката Лазаревиќ да држи предавања на Воената академија ја соопштил миниистерот за одбрана Александар Вулин, кој изјавил дека „секоја војска би посакала да го добие искуството на Лазеривиќ“ и дека „кадетите ќе имаат од кого да учат и да се подготвуваат за војна“.
За „случајот Лазаревиќ“ недамна во Белград реагираше и американскиот заменик-помошник државен секретар Хојт Брајан Ји, како и српската опозиција која побара оставка од Вулин.