СДСМ е подготвено да оди и на парламентарни избори. Меѓутоа прашањето е дали се потребни, или треба во овој момент да направиме нешто за Република Македонија, истакна вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Канал 5 телевизија, одговарајќи на прашање во врска со седумте барања на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Рече, дека може да се разговара, но побара да се отвори дебата во јавноста дали тие барања се сериозни или не.
- Груевски бара ново Специјално јавно обвинителство, а тој не може да се спаси од ова СЈО, зошто му треба друго специјално обвинителство, праша Спасовски.
Во однос на барањето за амнестија за случаите во Собранието на РМ од 27 април, министерот рече дека не може да има амнестија бидејќи тогаш, како што истакна, се случило рушење на уставниот поредок на Република Македонија.
За обвинувањата од Груевски дека тој и луѓе од неговата партија се прислушувани, Спасовски истакна дека времето на следење на електронските комуникации без судски налог се минато и побара тој да понуди докази за своите тврдења.
- Во моментов не се следи или прислушкува ниту еден политичар во Република Македонија, истакна Спасовски.
Рече дека доколку Груевски не понуди докази за своите обвинувања треба да сноси одговорност за лажно обвинување.