Во германскиот град Витенберг денеска беше одбележана 500-тата годишнина од почетокот на протестантската Реформација, односно од денот кога свештеникот Мартин Лутер ги заковал своите 95 тези на вратата на градската католичка црква.
Мартин Лутер, во своите тези го критикувал папата Лав Десетти за праксата Црквата да продава прошка на гревовите и се спротиставил на црковната хиерархиска поставеност, велејќи дека сите крстени верници имаат директна врска со Господ. Лутер воедно ја превел Библијата на германски јазик, правејќи ја подостапна до обичните луѓе.
На церемонијата во Витенберг присуствуваа и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и канцеларката Ангела Меркел.
Меркел, која и самата е ќерка на лутерански свештеник, изјави дека со предизвикувањето на моќта на Католичката црква, Мартин Лутер предизвикал коренити општествени промени.
Во чест на полумилениумскиот јубилеј, денот беше прогласен за неработен во цела Германија, иако вообичаено се празнува само во источните и северните делови на земјата, каде што мнозинството од населението им припаѓа на протестантските деноминации.