Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер објави дека немало таен заговор меѓу неговата кампања и Русија, како што стои во обвиненијата против тројца негови поранешни соработници.
– Лажните вести работат прекувремено. Како што рече адвокатот на Пол Манафорт немало „заговор“ и споменатите настани се случиле многу пред тој да влезе во кампањата, напиша Трамп на Твитер.
Адвокатот на поранешниот шеф на изборниот штаб на Трамп, Пол Манафорт синоќа изјави дека нема докази оти неговиот клиент соработувал со руската Влада, додека работел на предизборната кампања и оти неговата работа со Украина била завршена две години пред тоа.
– Манафорт претставувал проевропски кампањи за Украинците и се стремел да развие демократија и да и помогне на Украина да се зближи со ЕУ и САД. Овие активности се завршени во 2014 година, повеќе од две години пред Манафорт да почне да работи во кампањата на Трамп, изјави адвокатот Кевин Даунинг.
– Мислам дека сите видовте дека претседателот Доналд Трамп беше во право. Нема докази дека Манафорт или изборниот штаб на Трамп соработувале со руската Влада, изјави Даунинг.
Пол Манафорт, поранешниот шеф на изборниот штаб на претседателот Доналд Трамп, и неговиот помошник Рик Гејтс, вчера се изјаснија дека не се виновни по 12-те обвиненија кои против нив ги покрена специјалниот обвинител Роберт Мјулер. Судија во Вашингтон им одреди мерка домашен притвор и им ги одзема пасошите.
Обвинителството побара кауцијата за бранење од слобода – 10 милиони долари за Манафорт и пет милиони за Гејтс, но на крајот сите страни се согласиле на мерката домашен притвор.
Манафорт и Гејтс се обвинети за контакти со проруска организација од Украина, која била поврзана со соборениот украински претседател Виктор Јанукович. Конкретните обвиненија против нив се заговор против САД, перење пари, криење на странски донации и банкарски трансфери и неовластено претставување на странски држави во земјата, за што на Манафорт вкупно му се заканува затворска казна од 80, а на Гејтс од 70 години.
Портпаролката на Белата куќа Сара Сендерс изјави дека обвиненијата се однесуваат на работата на Манафорт пред тој да биде именуван за шеф на изборниот штаб на Трамп и поради тоа немаат никаква врска со претседателот. Сендерс ги отфрли и прашањата во врска со Џорџ Пападопулос, надворешно-политички советник на Трамп, за кој денеска беше објавено дека стапил во контакт со руски професор, кој му нудел имејл пораки од Хилари Клинтон.
– Пападопулос беше обичен волонтер во советодавно тело во кампањата, кое се состана само еднаш, изјави Сендерс.
Џеј Секулоу, правен советник близок до Трамп, изјави дека претседателот нема намера да ја запре работата на обвинителот Мјулер, ниту пак дека размислува за помилување на Манафорт и Гејтс. Трамп има право да го отпушти Мјулер и неколку пати навестуваше дека може да го стори тоа. И портпаролката Сендерс изјави дека претседателот Трамп нема да се меша во работата на обвинителот и очекува неговата истрага наскоро да биде завршена.
По обвиненијата за Манафорт и Гејтс се огласи и руското Министерство за надворешни рабти. Портпаролката Марија Захарова рече дека во обвиненијата против Манафорт и Гејтс има одредени невистини и можни подметнувања. Захарова посочи дека во обвинението има некои фактографски грешки, како на пример дека Јулија Тимошенко била претседателка на Украина пред Јанукович.
– Ова е важен детал кој укажува на тоа како било подготвувано обвинението. Во сериозна истрага вакви пропусти не може да се случат, изјави Захарова.
Манафорт беше шеф на изборниот штаб на Трамп од јуни до средината на август, кога беше сменет поради новинарските извештаи дека во минатото работел како лобист за украински организации кои биле поврзани со про-руската Влада на Виктор Јанукович. Манафорт и Гејтс се обвинети дека примале пари преку сметки на Кипар, Сејшелските Острови и други оф-шор дестинации.