Поранешниот премиер на Италија Силвио Берлускони е под истрага во рамките на поголема истрага за бомбашки напади што ги извршила мафијата во 1993 година, изјавил судски извор.

Мафијашкиот шеф Џузепе Гравиано, које е во затвор поради нападите во Рим, Милано и Фиренца, бил снимен како зборува за Берлускони со еден свој соработник. Тоа го натерало еден судија во Фиренца да ја обнови истрагата за наводна вмешаност на Берлускони во тие настани, пишуваат весниците „Кориере дела сера“ и „Република“.

Слична истрага против Берлускони се водеше и претходно и беше прекината во 2011 година. Адвокатотт на Берлускони, Николо Гедини потсети дека таа покажала оти неговиот клиент не е вмешан во бомбашките напади во кои загинаа десет лица.

Според Гедини, истрагата е обновена поради политички причини во пресрет на важните регионални избори на Сицилија во недела и на националните избори, кои се очекува да се одржат во мај следната година.

Бомбашките напади на мафијата во 1993 година силно ја потресоа Италија и доведоа до колапс на старите политички партии, кои беа погодени со корупциски скандали, потсетуваат локалните медиуми. На почетокот од следната година Берлускони влезе во политиката и веднаш победи на парламентарните избори. Неговата партија Форца Италија потсети дека за време на нејзиното владеење од 2001 до 2005 и од 2008 до 2011 година биле уапсени 1.296 мафијаши, меѓу кои и 32 најбарани припадници на мафијата.

Само за последните три години од владеењето на Берлускони од мафијата биле конфискувани 25 милијарди евра, соопшти партијата и додаде дека Владата на Берлускони освен тоа и ги заострила условите на затворениците мафијаши.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2017 02:13