Мажот кој синоќа усмрти осум лица на Менхетн во Њујорк е идентификуван како 29-годишниот Сајфуло Саипов по потекло од Узбекистан, јави Си-Ен-Ен.

Според извори блиски до полициската истрага за инцидентот, Саипов пристигнал во САД во 2010 година. Тој имал возачка дозвола издадена во градот Тампа на Флорида, но полицијата ја истражува можноста дека тој живеел во Њу Џерси.

Најмалку осум лица загинаа, а 11 други се повредени кога камионет кој го управувал Саипов, движејќи се низ велосипедска патека прегази неколку велосипедисти и пешаци, пред да удри во училишен автобус.

По судирот Саипов излегол од возилото и извадил „пејнт-бол“ пиштол, по што бил застрелан од полицајци и уапсен. При совладувањето тој е ранет во стомакот и е префрлен во болница. Според болнички извори, Саипов е вон животна опасност.

Полицискиот комесар Џејмс О’Нил изјави дека Саипов по напуштањето на возилото „извикувал пораки, што ја упатуваат полицијата инцидентот да го третира како терористички акт“. Според очевидци, пред да биде совладан од полицијата тој викал „Алах е голем“.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2017 02:33