Русија и Кина размислуваат за поврзување на нивните национални платежни системи, изјави денеска рускиот премиер Дмитриј Медведев, кој се наоѓа во официјална посета на Пекинг.
Русија и Кина размислуваат за поврзување на нивните национални платежни системи, изјави денеска рускиот премиер Дмитриј Медведев, кој се наоѓа во официјална посета на Пекинг. Воедно тој повика на поизбалансирана глобална финансиска структура.
Истакнувајќи го подемот на кинескиот систем Јунионпеј (Unionpay) и напорите на Пекинг да ја интернационализира својата валута, јуанот, Медведев на денешната прес-конференција изјави дека Русија развива свој сопствен платежен систем, познат како Карта Мир.
- Во моментов се дискутира за тоа дали Карта Мир треба да биде поврзан со кинеските платежни системи, изјави Медведев на заедничката прес-конференција со неговиот кинески колега Ли Кечијанг.
Рускиот премиер истакна дека тоа би имало „добри изгледи“ и можност да се избегнат оние проблеми што понекогаш се појавуваат кога користите американски платежни системи, спомнувајќи ги Виза и Мастеркард, но без да соопшти детали.
Русија почна да го создава системот Карта Мир откако западните земји воведоа санкции на земјата во 2014 година, за време на украинската криза. Системот сега е широко прифатен во Русија.
Откако беа воведени новите санкции од САД, Москва вети дека ќе ја интензивира работата за намалување на зависноста од западните платежни системи. Меѓу другото, Русија сака да создаде повеќе домашни финансиски сервиси, како што е агенцијата за кредитен рејтинг.
- Мислам дека колку повеќе финансиски инструменти постојат во современиот свет, толку постабилен ќе биде глобалниот финансиски систем, рече Медведев.
Виза и Мастеркард престанаа да обезбедуваат услуги за клиенти на една руска банка откако Вашингтон воведе санкции поради анексијата на Крим од официјален Киев и поддршката на проруските сепаратисти во источна Украина.