Седум доживотни казни затвор, 13 по 40 години, шест по 20 години, една од 18 години, две од 14, две од 13, две по 12 години затвор и четири ослободителни пресуди, им одреди денеска Кривичниот суд на обвинетите за настаните во кумановската Дива населба во мај 2015 година во кои загинаа осуммина припадници на македонските безбедносни сили.

Денешното рочиште во Судот помина во тензична атмосфера. Пред да бидат прочитани пресудите, обвинетите станаа од своите места и почнаа да ја пеат албанска химна, да викаат УЧК, УЧК, да упатуваат закани дека крвтта на убиените нема да остане неказнета, дека во Македонија ќе нема мир,...

Судијката потоа ги острани од судницата повеќето обвинети кои правеа неред, по што беа прочитани пресудите.

По објавувањето на пресудите за 33-цата обвинети, судијката ги прочите и ослободителните за Османи, Бесник Бајрами, Ибрахим Муртезани и Бесник Ајдини. Еден од нив беше прво обвинет, а тројца второобвинети, од така наречената, логистичка група.

Дива населба суд роднини

Пресудата за овој случај требаше да биде донесена на 17 октомври, но беше одложена поради локалните избори на барање на МВР.

Обвинителството побара доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и терористичка организација.

Насер Рауфи, кој е еден од адвокатите на осудените, по изрекувањето на пресудата, рече дека ова е сценарио на тајните служби и дека не очекувал обвинетите да добијат толку високи казни. Тој смета дека станува збор за монтиран предмет и побара независна истрага.

Пред судот денеска беше видливо значително полициско обезбедување, пред почетокот на рочиштето и потоа. Пред судот чекаа роднините на осудените кои добиваа информации од новинарите за висината на пресудите. Сообраќајот пред судот се пренсочуваше, а повремено надлетуваа и полициски хеликоптери.

На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2017 15:39