Паметните индустрии можат да помогнат во развојот на македонската економија и да отворат нови кариерни можности за кадрите од Македонија, која има предност и со добрата мрежната инфраструктура, оценија дел од учесниците на панел дискусиите на вториот ден од Самитот Македонија 2025, што се одржува во Скопје.
Според Влахо Костов, извршен директор за истражување и развој и раководител на Централна и Источна Европа и на медитеранскиот регион во „Панасоник“ Германија, за развој на паметни технологии во Македонија има добар кадар и соодветна инфраструктура.
- Со знаењето што сме го стекнале тука сме конкурентни на светските пазари и зошто да не го примениме во Македонија. Проблемот со одливот на мозоци не е само на Македонија. За разлика од порано, сега е многу полесно да се направи нешто со поголем импакт глобално. Повеќето ИТ идеи, технологии и апликации можат да се прават каде било и не се поврзани со географска одредница. Имаме предност со добро развиена инфраструктура, интернетот во Македонија, иако економијата можеби не соодветствува. Инфраструктурата може да помогне бидејќи повеќето од идеите без оглед дали е тоа старт ап, или нешто друго од ИТ секторот, можно е со многу малку средства да се направат во Македонија, рече Костов.
Ацо Момчиловиќ, директор за човечки ресурси во „Римак аутомобили“ од Хрватска, истакна дека регионот се уште нема финансиски потенцијал да ги консумира нивните производи кои чинат околу 1,2 милиони евра, но во Македонија сакаат да соработуваат со универзитетите и со фирмите поради потенцијалите на кадрите од нивната област.
- Тука сме претежно за можноста за соработка со кадри од Македонија, да најдеме инженери, моментално имаме оглас за над 100 работни места, заинтерсирани сме да работиме со универзитетите од Македонија и со кадрите од тука, да ги однесеме во Хрватска. Тука сме и за заеднички потфати со други фирми, односно соработка со македонски фирми бидејќи имате многу добри инженери и специјалисти во нашата област, изјави Момчиловиќ.
Осврнувајќи се на големината на пазарот во Македонија, Вања Јосифовски, главен технички директор во Pinterest, САД, порача дека развојот на потрошувачки бизнис секогаш треба да има меѓународна перспектива со аспирации за раст кои ја вклучуваат барем балканската област. Постојат водечки даватели на услуги кои не се пробиле на балканскиот пазар, а некои од овие бизнис модели може да се прилагодат на оваа област, наведе Јосифовски.
Билјана Марковиќ-Стаменова, извршна директорка на организацијата Македонија 2025, потенцира дека голем број Македонци од дијаспората кои се присутни на Самитот се заинтересирани за инвестииции.
- Имаме голем број заинтерирани инвеститори од дијаспората и овде работиме на тоа да ги осигураме дека во земјава има добри кадри со кои можат да соработуваат и да го планираат нивниот натамошен развој. Досега има 100-ина позначајни инвестиции од дијаспората во Македонија, рече Марковиќ-Стаменова, потенцирајќи дека Самитот станал препознатлив регионален бренд.
На вториот ден од Самитот се предвидени дискусии и за обновливите извори на енергија и технологиите на иднината, успехот на Израел како старт-ап нација и за тоа како Македонија би можела да стане центар за паметни индустрии во регионот и пошироко.