СДС денес ја соопшти најлошата економска мерка - зголемување на даноците. Во случајов, зголемување на акцизата на горивата за фрапантни 3 денари по литар. Заедно со ДДВ, тоа претставува покачување од 3,54 денари за литар нафта. Скандалозно и неодговорно.

СДС продолжува да ги ограбува граѓаните. Расипништво и неспособноста на СДС ќе ги покриваме сите ние со зголемување на давачките за нафтените деривати.

Владата на СДС од ден во ден тоне во своите лаги. Наместо да скрати на непродуктивните трошоци, СДС одлучи буџетските дупки создадени од расипничкото и неосновано трошење да ги покрие со покачување на акцизите на горивата.

СДС ги излажа граѓаните кога ветуваше дека нема да има покачување на давачките. Покачувањето на даноците е одговор за покривање на буџетската дупка создадена со неспособноста на СДС за водење на економска политика.

Да, почитувани граѓани од јануари 2018 година акцизата на горивата ќе биде поголема за 3,54 денари. Тоа ќе значи директно ставање рака во џебот на граѓаните и одземање на пари од семејниот буџет. Тоа ќе значи директно ставање рака во џебот на земјоделците или фирмите каде цената на горивата е еден од најважните инпути. Најмногу ќе настрадаат земјоделците кои наместо зелена нафта, добија покачување на акцизата и на цената на нафтата. Ќе настрадаат и сите граѓани, бидејќи зголемената цена на нафтата значи отворање на спиралата на инфлацијата: повисоки цени на превозот, повисоки цени на прехранбените и сите други производи.

Зголемените трошоци за фирмите ќе значат намалување на конкурентноста на македонските компании на меѓународно ниво, бидејќи со одлуката на црното економско трио на СДС, за разлика од нивните конкуренти ќе треба да одвојуваат повеќе пари за акцизи. Се ова неспособната влада на СДС го прави само за да ја покрие својата неспособност и расипништвото.

Сликовито објаснето доколку имате едно возило во семејството и месечно трошите 100 литри гориво, ќе плаќате 354 денари повеќе, тоа во период од 1 година се 4.248 денари повеќе од секое семејство. Доколку имате две возила во семејството тоа се 8.496 денари годишно, пари кои ќе се земаат од секое семејство за прикривање на расипништвото на СДС.

ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека ќе дојде до покачување на даноците, СДС негираше и ги лажеше граѓаните дека ќе им враќале пари од ДДВ. Сега гледаме дека нашите предупредувања се остваруваат. СДС ги покачува давачките, но тие ќе продолжат и понатаму да растат. Владата на неспособниот Зоран Заев наместо „подобар живот“ донесе покачување на даноците, намалување на платите и пензиите, и енормно задолжување без притоа да одговори на што се потрошени стотиците милиони евра, кои сега ќе ги враќаме со покачените даноци.

Покачувањето на цената на акцизата на горивата ќе значи и поголем трошок за повеќе производи кои директно зависат од цената на горивото, како транспортните услуги, градежните услуги, па дури и цената на лебот и прехранбените продукти, тоа ќе ја отвори спирала на покачувања што неминовно и ќе ја забрза и онака отпочнатата растечка инфлација и ќе ја донесе државата на колена.

Разликата меѓу економската програма на ВМРО-ДПМНЕ и СДС станува се поочигледна. Владата на ВМРО-ДПМНЕ 10 години, дури и во најголемата економска криза, не ги зголеми даноците и товарот не го префрлаше врз грбот на фирмите и граѓаните. Напротив покачувавме плати, пензии и субвенции, а се зголемуваа и капиталните инвестиции без да се зголемат даноците.

За разлика од нас, неспособната власт на СДС одлучи да ги крева даноците и полнењето на буџетот дополнително да го натовари на грб на граѓаните и стопанството.

Недозволиво е оваа влада да ги задолжува граѓаните на Република Македонија и да ја турка во банкрот, за да трошат пари на непродуктивни работи. Нивните лични луксузи и вдомувањето на партиските војници не смее да биде на трошок на граѓаните.

СДС мора да одговара за неоснованото задолжување на државата и осиромашувањето на граѓаните. СДС ќе сноси одговорност за пропастот на економијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/11/2017 23:56