После скандалозната одлука на Апелациониот суд за уважување на незаконски снимените материјали, спротивно на сите законски нормативи, сосема е јасно зошто воопшто не бев поканет на седницата и зошто судот не сакаше да ги слушне аргументите кои се во полза на правдата и законите.

Апелациониот суд одржал јавна седница одлучувајќи за моите права на која за жал не бев поканет и немав можност ниту да присуствувам ниту да ги изнесам моите аргументи со што го повреди принципот на еднаквост како основен елемент на правото на правично судење и грубо го прекрши членот 6 од Европската конвенција за човекови права.

Со оглед на тоа што ми беше оневозможено да се произнесам во судница се чуствувам повикан јавно да реплицирам на скандалозниот настап на обвинителите од СЈО, кои уште еднаш потврдија дека нивното дејствување е политичко и нема никакви допирни точки со правото и правдата.

Би потсетил дека токму СЈО јавно на прес конференција тврдеше дека брутално биле кршени човековите права на граѓани на Македонија како резултат на повеќегодишно незаконско следење на комуникации при што изнесе дека наводно еден од моите телефонски броеви бил следен 732 дена, друг 573, трет 816 дена. Иако од нив никогаш не сум добил официјално известување колкав е обемот на материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации за кои тврдат дека се мои, по моја слободна проценка врз основа на јавно објавените податоци од СЈО, најверојатно се работи за над 100.000 разговори во кои спаѓаат и разговори на мојата сопруга, која го користи еден од телефонските броеви за кои СЈО вели дека биле незаконски прислушкувани. Би ги запрашал претставниците на СЈО, зарем не е повреда на правото на приватност и семеен живот прислушкувањето на моите и на разговорите на мојата сопруга, направено надвор од било каква законска процедура?

Не случајно уставотворецот правото на приватност го вброил во основните човекови слободи и права и не случајно пропишал дека само врз основа на одлука на суд, под услови и во постапка утврдена со закон може да се отстапи од ова право. Не случајно постои посебен Закон за следење на комуникациите, не случајно има цело поглавје во Законот за кривична постапка кој го уредува користењето на посебните истражни мерки и не случајно одредбите за законитост на доказите се ставени во поглавјето за основни начела во кривичната постапка. Сите овие одредби постојат токму за да се спречи ова што СЈО се обидува да го направи - да прогонува граѓани врз основа на докази стекнати на незаконски начин и да даде легитимитет на масовното долгогодишно незаконско следење на комуникациите.

Јавно би сакал да укажам дека владеењето на правото и почитувањето на законот како темелна вредност на Уставниот поредок сите не обврзува но и на сите подеднакво ни гарантира дека никој не смее да ни ги наруши правата кои ни се загарантирани како граѓани на оваа земја, без разлика дали некој извршува јавна функција или не, сите имаме исти права и сите треба да бидеме еднакви пред институциите.

Скандалозно тврдејќи дека за мене и моето семејство не може да важат одредбите од Европската конвенција за човекови права, Уставот и законите во Република Македонија кои го штитат правото на приватност и семеен живот само затоа што сум бил министер и вршев функција преку која со мојот тим оставив бројни мерливи и видливи проекти зад себе, СЈО направи уште една повреда на моите права како граѓанин вршејќи политичка дискриминација врз мене.

Миле Јанакиески од ВМРО-ДПМНЕ



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2017 20:36