Владата секои три месеци да ја анализира реализацијата на капиталните инвестиции, бара Стопанската комора на Македонија.

Како што рече претседателот на Комората Бранко Азески на денешната расправа по Предлог- буџетот за 2018 година што го презентираше министерот за финансии Драган Тевдовски, добро е што капиталните инвестиции се зголемуваат, но останува прашањето дали некој ќе сноси одговорност во врска со динамиката на нивната реализација.

– Апсолутно е прифатлив предлогот да се прави анализа на капиталните инвестиции секои три месеци и ќе го предложиме како идеја со цел да се изнајде систематско решение во оваа насока, истакна Тевдовски додавајќи дека секојдневно се врши притисок врз секторите кои раководат со капиталните инвестиции (транспорт, образование, здравство…) за тие да се интензивираат.

На забелешката зошто буџетот е поголем од лани, министерот Тевдовски одговори дека кај нас државната каса е проектирана на 32 отсто од БДП во споредба со развиените земји каде изнесува 50 до 55 отсто од БДП.

– Нема простор да се тврди дека буџетот е преголем зашто е многу под она што всушност треба да биде. Но, такви промени не сакаме да направиме преку ноќ, се што се менува ќе оди постепено, истакна Тевдовски.

Во врска со зголемувањето на акцизата за дизелот што, според Азески, ќе има сериозен импакт врз стопанството, министерот повтори дека проекцијата на Владата за инфлацијата е 1,7 отсто, вклучувајќи ги очекувањата за поместувањето на акцизата. Овој процент, нагласи Тевдовски, е сосем коректен и не треба да загрижува никого.

– Апелираме посебно до медиумите, ако не се стручни, да не манипулираат на оваа тема, потенцира Тевдовски.

На прашањето од Стопанската комора за долгот на државата кон приватниот сектор, Тевдовски одговори дека во Министерството за финансии е веќе направен софтвер кој треба да ги прибира овие податоци и веќе се тестира. Истовремено, се прават подготовки за носење нов закон со кој сите од Министерството ќе бидат задолжени месечно да го полнат софтверот што пак ќе овозможи јавноста да се информира, но и соодветно да се креираат политиките.

Расправата по Предлог- буџетот на која бизнис заедницата ги изнесува своите забелешки во Стопанската комора, е во тек.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2017 01:44