Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција повторно го повика МВР да превземе нешто за пронаоѓање на убиецот на Мартин Јанушев.

– Целата јавност веднаш по убиството веќе говореше кој е сторителот, а МВР молчеше и не превзеде ништо. Дали е тоа заради блискоста на криминалците со владеачката гарнитура и заради долговите што СДС има да ги враќа за се што овие одработуваа за нив претходниот период?, запраша Костовски.

Тој додаде дека се погласни се информациите дека убиецот и луѓето околу него се засолниле во една соседна земја, а нема демант на овие информации.

– Зошто веднаш по убиството не беше направен обрач? Зошто веднаш по убиството, убиецот не беше ставен на стоп листа? Кога убиецот ја поминал границата и на кој граничен премин? Со чие возило? Кој го изнел од Скопје? Ова се прашања кои ќе имаа одговор доколку полицијата работеше професионално, а не по партиска наредба. Ова се прашања кои немаше потреба да се поставуваат, доколку СДС не е во спрега со криминалното подземје и доколку сторителот беше веднаш приведен, рече Костовски.

Според него, полицијата сигурно ги имала сите овие информации веднаш по убиството.

– Полицијата сигурно имала снимки од безбедносните камери и знаела кое е возилото и неговата траекторија на движење. Непостапувањето на Оливер Спасовски го прави соучесник во криминалот. И него и неговите партиски послушници кои овозможија убиецот да избега. Граѓаните се загрижени за својата безбедност! Граѓаните бараат одговорност од Оливер Спасовски и одговор на нивните прашања! Сега го гледаме резултатот на разместувањето на професионалните полицајци и на нивно место поставување партиски послушници. Мафијата со доаѓањето на СДС на власт си доби држава, во која ќе може да се пресметува со кого сака, рече Костовски.

Тој побара оставка од министерот Спасовски, за како што рече цветањето на криминалот.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2017 03:31