Остварување на договореното од 24 октомври на средбата со премиерот Зоран Заев за исплата на една плата, а потоа и реализирање на програма за технолошки вишок, бараат вработените во прилепската наменска фабрика и единствен загубар во земјава, „Еурокомпозит“. Тие денеска протестираа и се собраа пред локалната самоуправа барајќи, а и остварувајќи средба со градоначалникот Илија Јованоски.

– Се уште нема ништо од договореното на средбата со премиерот Зоран Заев од 24 октомври оваа година. Тогаш беше најавено дека Владата со одлука одвојува 10 милиони денари за една плата на вработените и дел за набавка на репроматеријали. Ќе штрајкуваме се до исполнување на нашите барања, а барањата се познати: немаме земено 16 плати, придонесите за пензиско осигурување не се платени од 2012 година, а бараме и реализирање на програмата за прогласување технолошки вишок за 100-ина вработени со Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради доминантната сопственост на државата. Нашиот проблем е долгогодишен и очекуваме да се има разбирање за него, изјави Влатко Чурлиноски, претседател на синдикалната ортганизација на „Еурокомпозит“.

За штрајкот вработените ја имаат поддршката на гранковиот синдикат при Сојузот на синдикатите на Македонија.

По денешната средба во неговиот кабинет, градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски на вработените им вети логистичка поддршка.

– Овие проблеми на „Еурокомпозит“ се долгогодишни. Им ветив, иако не е во моја надлежност, но е во интерес на градот дека ќе се заложам кај вицепремиерот Кочо Анѓушев, па и кај премиерот Зоран Заев и ќе разговарам и што е во моја надлежност ќе помогнам. Ќе инсистирам на оваа логистичка поддршка како моја морална обврска и во интерес на сите да се реши долгогодишниот проблем со „Еурокомпозит“, изјави Јованоски по средбата со синдикатот на компанијата.

Во „Еурокомпозит“ има околу 260 вработени.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2017 03:36