Сменетиот претседател на каталонската влада, Карлес Пучдемон, и четворица негови поранешни министри, треба на 17 ноември да се појават пред белгискиот суд. Тоа ќе биде нивно прво сослушување откако белгиските власти синоќа ги пуштија на условна слобода.
Пучдемон и министрите ќе се појават пред судот во Брисел на 17 ноември во 14 часот по локално време, јави АФП повикувајќи се на неименуван извор.
Претходно денеска Пучдемон ја осуди Шпанија како недемократска земја која неправедно ставила зад решетки негови колеги.
Тоа беше неговото прво реагирање по пуштањето на условна слобода откако вчера заедно со четворица негови поранешни министри им се предаде на белгиските власти за да се соочи со европскиот налог за апсење, кој шпанските власти го издадоа против нив врз основа на обвинение за бунт и поттикнување бунт.
„Пуштени на слобода без кауција. Нашите мисли се со колегите што неправедно се ставени зад решетки од земјата која е далеку од демократските норми“, напиша Пучдемон на „Твитер“ неколку часа по пуштањето на слобода.
Пучдемон со соработниците допатува во Брисел пред една недела кога Шпанија ја смени каталонска извршна власт и воведе директна контрола над својот полуавтономен регион, чие прогласување независност таа не го призна.