Сите вложувања на кралицата Елизабета Втора „целосно се проверени и легитимни", соопшти Војводството Ланкастер, кое управува со инвестициите на британската кралица, најзвучното име во аферата „Рајски документи“, кои протекоа од две реномирани компании за обезбедување на оф-шор услуги од Бермудите и Сингапур.

Британската кралица Елизабета Втора има инвестирано околу 10 милијарди фунти во оф-шор фирми, објави Би-Би-Си.

Во периодот 2004-2005 година, парите на кралицата биле инвестирани во фондови, регистрирани на Кајманските Острови и Бермудите. Се работи за пари кои Елизабета Втора ги заработила благодарение на Војводството Ланкастер, каде има имот од 500 милиони фунти (562,7 милиони евра).

Од Војводството истакнуваат дека во тие операции „нема ништо нелегално и нема претпоставка дека кралицата не плаќа даноци, но може да се појави прашањето дали монархот треба да инвестира во оф-шор".

- Нашата инвестициска стратегија се заснова на препораките на нашите инвестициски консултанти. Војводството инвестира средства само во многу реномирани инвестициски фондови, следејќи ги препораки на нашите инвестициски консултанти, појасни директорот на финансиската служба на Војводство, Крис Едкок.

Медиумите објавија извештаи, дистрибуирани од страна на Меѓународниот конзорциум за истражувачки новинари (ICIJ), со седиште во Вашингтон. Конзорциумот објави 13,4 милиони документи за финансиите на политичарите од повеќе земји.

Во април 2016 година споменатиот новинарски конзорциум сподели 11,5 милиони документи со податоци за оф- шор сметки на актуелни и поранешни светски лидери, истакнати политичари, а исто така на претприемачи, спортисти, менаџери. Извештаите, наречени „Панамски документи", се базираа на информации од панамската компанија „Мосак Фонсека“, која обезбедува правна помош при регистрација на компанија во оф- шор зони.

Документите „Рајски документи, датираат од 1950 до 2016 година и вклучуваат електронска пошта, деловни договори и изводи од банки. Тие беа обелоденети од адвокатската фирма „Еплбај“, основана на Бермудите и компанијата „Ејжасити траст“ од Сингапур, а ги набави германскиот весник „Зидојче цајтунг“, кој ги сподели со Меѓународниот конзорциум за истражувачки новинари (ICIJ).



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2017 18:48