Социјалното претприемништво е иднината на економијата во Македонија. Како Влада пристапуваме сериозно кон ова прашање и сакаме да дадеме придонес и кон вработувањето на одредени ранливи групи граѓани, но и да се даде придонес и во реалната економија.

Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во обраќањето на Националната конфереренција и завршен настан на проектот „Поттикнување на социјалното претприемништво“.

– Социјалното претприемништво не го гледаме единствено како можност за отварање работни места, тоа е едната страна на паричката. Другата страна е дека навистина на Македонија и се потребни социјални услуги и развој на истите, рече Царовска.

Многумина, како што посочи, сметаат дека е лесно да се донесе закон за социјално претприемништво, но тоа, според неа, е тотална невистина и додаде оти законот е можно да се усвои кон крајот на 2018 или во 2019, но на тоа треба да претходи стратегија.

– Затоа размислуваме и како Министерство и како Влада да создадеме „еко простор“, во кој социјалните претпријатија ќе бидат безбедни. Важно е и владата и локалните самоуправи да размислуваат како да бидат купувачи на услугите и призводите, се она што ќе речеме дека е направено во однос на социјалните претпријатија, или она што тие го нудат, рече Царовска.

Таа вели дека Законот за јавни набавки е сосема спротивно од тој „еко простор“, и токму и затоа се размислува за транспонирање на ЕУ директивата која ќе обезбеди или ќе има резервирани договори за социјалните претпријатија во земјава.

– Тоа значи дека оние фирми што имаат пет вработени со даден социјален ризик што го утврдува Министерството, да имаат можност само тие да аплицираат до договори до 5.000 евра. Постојат мали набавки кои ги прави секое министерство, локална самоуправа, општествено одговорна компанија, кои можат да бидат резервирани за овие социјални претпријатија, вели Царовска.

Посочи дека со УНДП е направена пилот мерка за поддршка на социјалните претпријатија и оти повикот е во тек.

Барбара Садовска од Полска, лидер на проектот „Поттикнување на социјалното претприемништво“, вели дека преку проектот сакале да ги трансформираат граѓанските здруженија повеќе кон претприемачки организации.

Истакнува дека преку социјалното претприемништво важно е да се вклучат оние кои се изоставени од пазарот на трудот, да се создадат повеќе економски системи со што луѓето ќе можат да обезбедат материјална егзистенција.

– Кога луѓето се на прво место, мисијата е побитна од профитот и настојуваме да најдеме начини како да го изградиме овој концепт, тука во Македонија, вели Садовска.

Во периодот од 18 мај 2016 па се до ноември годинава, проектот финансиран од ЕУ работеше на подобрување на инклузивноста на пазарот на трудот преку создавање нови можности за вработување, преку стимулирање на социјални економски иницијативи. Дополнително, преку обезбедување на приспособена поддршка, проектот ги поддржуваше и постојните социјални претпријатија кон поголема атрактивност и конкурентност.

Проектот придонесе за воспоставување на првата база на податоци на социјални претпријатија во земјава, подобрена соработка, капацитет и вмрежување меѓу сите институции вклучени во креирањето политиките за социјално претприемништво, вклучување на социјалните претпријатија во активните мерки на пазарот на трудот и зајакнување на потенцијалот на постоечките социјални претпријатија во Македонија.

Проектот е имплементиран од страна на ЕПТИСА во конзорциум со ОСБ и Екпертиза Франција, а во партнерство со Министерство за труд и социјална политика.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2017 02:45