Кој ќе ги наследи Арбен Таравари на функцијата во Министерството за здравство и Рамиз Мерко на функцијата министер без ресор задолжен за странски инвестициии ќе се знае до крајот на неделава, велат за МИА од Алијансата за Албанците и од ДУИ.

Од Алијансата посочуваат дека до крајот на неделава партиските органи ќе одржат средба на која ќе одлучат кој ќе седне во министерското место на Таравари, а од ДУИ, пак, потенцираат дека за прашањето на наследникот на Мерко има постојани консултации меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на партијата Али Ахмети.

Како најсериозни кандидати за наследник на Таравари се споменуваат директорот на Клиниката за очни болести Беким Татеши и неврологот Фатмир Меџити.

И Татеши и Меџити засега не потврдуваат и велат дека за тоа во наредните денови ќе решат лидерот на партијата и на нејзините тела.

– Последниот збор се чека да го каже претседателот на партијата Зијадин Села и тоа се очекува да се случи во наредните неколку дена, вели Татеши.

И Меџити вели дека не може ништо официјално да каже и посочува дека крајниот збор ќе го имаат партиските органи.

Арбен Таравари, должноста министер ја вршеше само четири месеци по изборот на новата Влада. Потоа тој соошти дека влегува во изборната трка за локалната власт, и оти ќе се кандидира за градоначалник на Гостивар. Тој на изборите победи и ја презеде градоначалничката функција.

По локалните избори испразнето остана и местото на Рамиз Мерко, кој ја извршуваше функцијата министер без ресор задолжен за странски инвестиции, а ја презеде функцијата градоначалник на Струга.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2017 02:48