Буџетот за 2018 година кој се однесува на областа на трудот и социјалата е добро испланиран и треба да овозможи поголем развој на социјалната и детската заштита. Планирани се дополнителни вработувања во градинките, но и во сервисите на за социјална заштита кои на пониско ниво даваат услуги на корисниците, како и средства за активни мерки за вработување, кои треба да ја намалат невработеноста.

– Без инвестиција во социјална и детска заштита не може да зборуваме дека нашето општество ќе се развива. Во изминатите години овој сектор бил запуштен. Во градинките имаме 2.600 вработени помалку од потребните. Кој се грижи за нашите деца? Навистина е многу да има по 40 деца во една група. Затоа, тука ќе се реализираат голем дел вработувања. Се планира и зголемување на платите – повторно во градинките, но и вработување во сервисите на социјална заштита, затоа што, Министерството е преоптоварено со кадар, но долу во сервисите – дневни центри за лица со пречки, центри за социјална работа коишто треба да им служат на граѓаните таму немаме вработени, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Најави дека ќе има дополнително повеќе средства за капитални инвестиции во детската и социјалната заштита и оти тоа ќе се прави во соработка со локалните самоуправи.

– Навистина сметам дека овој буџет е развоен и ќе овозможи да имаме подобра детска и социјална заштита што за мене како министерка на тој ресор е навистина важно, вели Царовска.

Од друга страна, вели таа, исто така треба да се имаат предвид и средствата за активни мерки за вработување, кои треба да ја намала невработеноста.

– Годинава имаме координиран пристап со сите донатори што се во Македонија и даваат пари за активација. Заеднички ќе ги споиме средствата и ќе направиме еден сеопфатен план за активација којшто сигурно ќе ни даде подобри резултати во 2018 година, рече Царовска.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/11/2017 03:15