Царинската управа денеска пред бизнис заедницата го презентираше патоказот по кој ќе се менуваат прописите во царинското работење во период од пет години. На презентацијата, соопшти Царинската управа, претставена е визијата за Регионот ЦЕФТА и неговото интегрирање во економска зона, која до 2023 година се очекува да се преобрази во мала унија, како неопходен чекор за да се обезбеди поголем и побрз напредок за регионот, со силна поддршка на Европската унија и Светска банка.
Во презентациите за регионалната економска зона ЦЕФТА, концептот за регионален економски оператор, поедноставените постапки, транзитот и потеклото на стоки, најавено беше постепено укинување на одобренијата за поедноставени царински постапки и преминување на концептот на регионален овластен економски оператор што ќе биде признаен во рамки на ЦЕФТА, меѓусебно прифаќање на прекуграничните документи, спојување на граничните агенции и заедничко управување со ризик, скратување на постапките и размена на информации, воведување на целосна кумулација на потекло во рамки на ЦЕФТА, мониторирање на нецаринските бариери, дигитална интеграција преку воведување нов компјутерски софтвер со електронско потпишување на документи, промовирање на регионалните инвестиции и слободно движење на професионалци преку меѓусебно признавање на дипломи.