Можностите за финансирање со новиот повик за европските програми „Хоризонт 2020“ и Инструментот за мали и средни претпријатија се во фокусот на дводневната конференција што се одржува од денеска во Скопје, со учество на 60-ина претставници на компании, истражувачки центри и универзитети од Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Унгарија и Црна Гора.

- Сакаме да ги охрабриме компаниите да аплицираат за овие програми бидејќи може да бидат многу важни за поддршка на нивните иновации и идеи и за развој на меѓународен план доколку сакаат да напредуваат со свои иновациски производи, изјави Наташа Лаи, претставник на извршната агенција за мали и средни претпријатија при Европската комисија.

Според професор Виктор Стојмановски од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, искористеноста на европските фондови во Македонија е на исто ниво како во регионот и пошироко. Постојано се преземаат активности за поголемо користење, бидејќи, како што укажа, традиционално малите и средни претпријатија немаат големо искуство во научно-истражувачки активности и им треба организација, за разлика од поголемите компании кои имаат и свои научни институти и инфраструктура за таа намена.

- Покрај подготовка за новиот повик од Инструментот за мали и средни претпријатија од програмата Хоризонт 2020 конференцијата е можност домашните компании со научно истражувачки капацитет да остварат соработка и меѓународни контакти за нивни идни проектни конзорциуми со кои ќе аплицираат на следниот повик од програмата Хоризонт 2020, изјави Стојмановски.

На конференцијата ќе бидат презентирани успешни приказни на фирми добитнички на грантови од Инструментот за мали и средни претпријатија, како и совети и презентации од консултанти.

- Целта е да ги доближат нивните искуства до македонските компании кои аплицирале или допрва треба да го почнат својот пат кон обезбедување грант во рамки на програмата, рече Александар Филиповски од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/11/2017 01:13