АД „Електрани на Македонија“ ќе вложи 270 илјади евра во нови проекти и истражувања во областа на обновливите извори на енергија и нивната примена, со цел да го зголеми уделот на електричната енергија добиена од обновливи извори во вкупното производство на електрична енергија од АД ЕЛЕМ.

Овие средства му се доделуваат на АД ЕЛЕМ во рамките на проектот „CROSSBOW“ кој е склучен помеѓу Агенцијата за иновации и мрежи (INEA) формирана од Европската комисија и конзорциум од 24 партнери, меѓу кои и АД ЕЛЕМ.

Целта на проектот е испитување на можностите за менаџирање на различни видови обновливи извори на енергија и на можностите за складирање на енергијата добиена од нив, со што ќе се овозможи транснационален пазар на големо за електрична енергија.

АД ЕЛЕМ е посветен на заложбата да произведува електрична енергија со што поголема заштита на околината и животната средина, и во тие рамки е и заложбата да се вложуваат материјални и човечки ресурси во концептот на обновливите, односно т.н. чисти извори на енергија.

Во однос на учеството во проектот „CROSSBOW“ АД ЕЛЕМ има цел да развие иновативен национален пазарен продукт, кој ќе биде достапен на сите учесници на пазарот на електрична енергија преку транспарентни и недискриминаторни утврдени правила и закони, што беше и нагласено на состанокот на учесниците во проектот, кој се одржа денеска во Софија, Бугарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/11/2017 02:28