Левица апелира до работниците на „Фени Индустри“ да истраат во борбата за своите права, но не преку насоките кои сега ги добиваат од постоечкиот синдикат, кој, како што велат од Левица, е под притисок на досегашните газди.

„Им порачуваме на работниците да не се ослонуваат на поддршката на градоначалникот, имајќи ја на ум опасноста за инструментализација на протестот од страна опозициската ВМРО – ДПМНЕ“, велат од Левица.

Од партијата им нудат предлог решенија на работниците на „Фени Индустри“ за излез од нивната ситуација.

„Итно создавање на Собрание на вработените, по урнек на традиционалните работнички совети. Потребно е ново работничко здружување од страна на сите работници на ‘Фени Индустри’, од портир до сметководител, кое јасно ќе ги артикулира своите барања и интереси и нема да дозволи да биде манипулирано од страна на газдите или политичарите, носење на одлуки за преземање на производството и дистрибуцијата во свои раце и неподлегнување на барањата на ‘Енекод’ и банките“, предлага Левица.

Партијата од централната власт бара ресурсна и финансиска поддршка, како и изработка на краткрочен и долгорочен план за иднината на претпријатието во корист на работниците.

„Додека тоа не се направи, ја повикуваме централната власт да не праќа судски или полициски сили против работниците и барем еднаш да застане на страната на опресираниот и експлоатиран работник, а не на страната на профитерите“, велат од Левица.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/11/2017 16:37