Францускиот претседател Емануел Макрон вчера пристигна во ненајавена посета на Саудиска Арабија, непосредно по масовните апсења на принцови и владини министри од страна на престолонаследникот Мухамед бин Салман, како и најавата дека Саудиска Арабија и Либан се во воена состојба.
Се претпоставува дека Франција, која долго време игра заштитничка улога врз Либан, ќе се обиде да посредува во спорот меѓу двете земји, како и во случајот на либанскиот премиер Сад Харири, кој е во Саудиска Арабија, и за кого се стравува дека е лишен од слобода.
Саудиска Арабија, како една од водечките сунитски сили, е вклучена во серија регионални конфликти со најголемата шиитска држава Иран. Отсуството на Харири од Либан предизвика тензии меѓу разните етнички и верски групи во земјата.
Принцот Бин Салман го пречека претседателот Макрон на аеодромот во Ријад. Пред заминувањето, Макрон изјави дека ќе разговара со Бин Салман за односите со Либан, како и за војната во Јемен.
- Ќе ја подвлечам важноста од одржување на стабилноста и територијалниот интегритет на Либан, изјави Макрон пред посетата.
Макрон ги посети и Обединетите Арапски Емирати, каде најави договор за продажба на два француски воени бродови, со можност да продаде уште две корвети, а францускиот министер Жан Ив ле Дриан го посети Египет, кој исто така најави купување на четири француски корвети.