Идниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку Никола Груевски замине од првата позиција на партијата, треба да исполни три основни столба: да биде лик што ќе биде прифатен од сите граѓани, да има позитивен рејтинг во јавноста и да биде прифатен од меѓународната заедница.
Тоа го наведе генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски во интервју за емисијата „Фактор“ на ТВ 24.
Како што рече Мицковски, најголемата опозициска партија следните чекори ќе ги објави откако ќе ја завршат темелната анализа за случувањата пред, во тек и после изборите, а која претходно ќе биде претставена пред партиските органи.
Прашан дали тој има амбиции да го замени Груевски, Мицковски рече дека не би било коректно да каже дали тој ги исполнува тие критериуми.
Според Мицковски, во ВМРО-ДПМНЕ се неопходни темелни реформи, од најниските до највисоките структури на партијата. ВМРО-ДПМНЕ, истакна, ќе биде конструктивна за се што е во интерес на граѓаните и државата.