До крајот на годинава треба да заврши обновата на автопатската делница Петровец - Миладиновци и Кадино-Хиподром, каде се рехабилитира оштетениот коловоз, кој го отежнува сообраќајот. Инвестицијата во обновата на осум километри од делницата изнесува 600 илјади евра од буџетот на ЈП за државни патишта (ЈПДП).
- Нашата интенција е да се модернизира оваа автопатска делница со цел да имаме модерен и се разбира безбеден автопат долж Коридор 10, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при увидот на градежните активности на терен.
Како што потенцираше директорот на ЈПДП Зоран Китанов, сугестиите од Светска банка се покрај изградбата на нови да обновува и изградената патна инфраструктура.
- Не треба само да се градат нови патишта, туку постојните да се одржуваат и рехабилитираат. Како ЈП за државни патишта со петгодишен план што го подготвуваме имаме предвидено рехабилитација на 750 километри патишта во Македонија, најави Китанов.
Сугарески потсети дека во тек е обнова и на автопатот од Куманово до Миладиновци во двата правца, каде е почната реконструкцијата на делницата од Миладиновци до наплатната станица Петровец. На терен се работи и на рехабилитација на возната лента на автопатот Велес – Градско, како и на делницата од Неготино до Демир Капија. Завршена е реконструкцијата на делницата од Смоквица до Гевгелија.
До крај на февруари, според најавите, треба да завршат и активностите за изградба на автопатот Демир Капија - Смоквица, каде се во тек активности отстранување на клучните пречки за негово пуштање, дислокација на делот од 400 киловолтниот интерконективен далекувод во близина на Неготино и изградба на контролниот центар.
- Нашата цел е оваа година согласно инвестицискиот циклус што го имаме најавено со Владата и ЈПДП да ги оствариме сите планови кои ги имаме за Македонија како транзитна земја и овој Коридор 10 да биде што е можно побрз и побезбеден, потенцира министерот Сугарески.