Она што го направивме во саботата на вонредниот конгрес, досега се нема случено. Јас со ова на некој начин докажав дека не се работи за фотелјата во Сојузот на синдикати на Македонија, ниту за мои лични интереси, туку за доброто на Синдикатот и на Република Македонија, вели во интервју за МИА, кандидатот за претседател на ССМ и в.д. на оваа функција Дарко Димовски.
– Мене, трката за претседател ми беше чиста и како што вели народот „од готово, си направив вересија“ се со цел да докажам дека во ССМ навистина треба да се воведат реформи, да има демократија и секој да може да се кандидира доколку има заложби и програма, вели Димовски, кој беше единствен кандидат на Вонредниот конгрес одржан во саботата во Охрид и по чие барање им се овозможи и на противкандидатите да бидат номинирани за избор за претседател на Синдикатот.
Димовски додава дека немал никаков притисок однадвор за да донесе ваква одлука и оти е подготвен да има противкандидат и изборот да го направат демократски, иако, како што вели, не е според критериумите.
Тој посочува дека се придржувале до критериумите донесени на 10 февруари 2015 година за време на мандатот на Живко Митревски бидејќи согласно Статутот, вонреден конгрес се прави врз основа на критериумите опредени на редовниот конгрес.
– Вонреден конгрес според Статутот се прави со критериуми одредени на редовниот конгрес. Поради тоа ние се придржувавме до критериумите донесени од страна на Живко Митревски на 10 февруари 2015 година. Таму има повеќе од четири критериуми. Сите тие критериуми ги запазивме и според нив, од тројцата кандидати, само јас ги исполнив условите. Најголема замка во овие критериуми е тоа што кандидатите за претседател треба да бидат поддржани од синдикатот што го предлага кандидатот, како и најмалку од една третина од синдикатите здружени во ССМ, а во кои членуваат повеќе од една третина од вкупното членство на ССМ. Јас имав поддршка од 12 синдикати, Пеце Грујовски беше поддржан од неговиот синдикат и од уште четири, а Ацо Антовски од Македонскиот полициски синдикат беше поддржан само од неговиот синдикат, појаснува Димовски.
Во врска со реакциите дека на медиумите не им било дозволено да присуствуваат на конгресот, Димовски вели дека секој кој сакал можел да присуствува.
– Кој ги спречил новинарите, навистина не знам, бидејќи направиме демократски процес и секој кој сакаше можеше да присуствува на Конгресот. Никој немаше на врата и тие беа ширум отворени. Жалам што тоа се случило. Тоа нема да биде политика на ССМ барем додека сум јас тука, нагласува Димовски.