Гугл во изминатите месеци почна да отстранува од Јутјуб и екстремистички видео содржини кои не прикажуваат насилство и оние кои заговараат говор на омраза, соопшти Јутјуб, за разлика од досегашната пракса на социјалните мрежи.
Со новата политика опфатени се видео содржини во кои се прикажуваат поединци или групи кои САД или Велика Британија ги прогласила за терористички, а во нив нема насилство или говор на омраза, кој и претходно беше забранет на Јутјуб.
Претставник на Јутјуб, кој од безбедносни причини не сакал да биде именуван, потврди дека станува збор за нова политика на компанијата, но не одговорил кога таа почнала да се применува, јави Би-Би-Си.
Јутјуб од претходно на познатите терористи им забрануваше да поставуваат видео соодржини. а со новата политика се сака да се опфатат и другите милитанти кои евентуално би се обиделе да објават такви видеа.
Меѓу отстранетите снимки има стотици видеа од убиениот Анвар ал Авлики, кој регрутираше нови приврзаници на Ал Каеда со своите предавања за историјата на исламот. Станува збор за снимки со предавања кои биле направени и објавени многу пред тој да почне да повикува на насилство против САД.
Владите и организациите за заштита на човековите права со години вршат притисок врз Јутјуб да ги отстрани сите соодржини поврзани со екстремистите, бидејќи сметаат дека таквата пропаганда ги радикализира конзументите и придонесува за смртоносни терористички напади.