Владата е отворена и транспарентна, а со Планот за економски раст се обезбедува одржливост на економијата и секој инвеститор однапред ќе знае каква поддршка може да очекува од Владата, без да мора да се спогодува со претставници на власта, истакна вицепремиерот Кочо Анѓушев кој денеска беше главен говорник на панелот „Македонија – вртење на нова страница“, во Вашингтон, во рамките на „Трансатлантскиот економски форум - Градење мостови на Медитеранот“.

- Целта е создавање стабилно бизнис опкружување за инвеститорите, како и правна рамка со која секој инвеститор ќе може да биде сигурен дека неговата инвестиција е заштитена и дека законите важат за сите подеднакво, рече Анѓушев.

Вицепремиерот, како што информираат од неговиот Кабинет, истакнал дека довербата од граѓаните на политиките и визиите на Владата се потврдија и на локалните избори во Македонија, на кои од 81 општина, владејачката коалиција освои дури 70 градоначалнички места.

Тој посочил дека главни стратешки приоритети на Владата се членството во НАТО и ЕУ, бидејќи членството во овие организации, навел, е привилегија со која се добиваат нови вредности, сигурност, безбедност, можност за економски раст и развој.

Анѓушев укажал и на причините поради кои Владата добива голема поддршка од граѓаните и меѓународната заедница.

- Прво, оваа Влада цврсто одлучи своите одлуки да ги носи на најтранспарентен и најдемократски начин. За сите прашања, особено за оние најсуштинските, се консултираме со експертите, науката, меѓународната заедница и со пошироката јавност. Второ, цврсто решивме Македонија да биде алка на соединување на земјите на Западен Балкан, а не камен на спрепнување. И трето, доста трошевме пари за споменици. Нам ни требаат инвестиции во инфраструктура: во патишта, железница, гасификација. Спомениците не носат напредок, без инфраструктура нема просперитет, рекол Анѓушев.

Вицепремиерот зборувал и за трите главни столба за економски просперитет: поддршката на стопанството, инвестиции во инфраструктурата и енергетската стабилност на Република Македонија.

- Потребите на граѓаните и на македонското стопанство се приоритет на Владата и токму по тие потреби ги креираме економските политики, кои се главен фокус во работата на Владата, потенцирал Анѓушев.

Тој истакнал дека главна цел на Владата е да создаде стабилно бизнис опкружување за инвеститорите, како и правна рамка со која секој инвеститор ќе може да биде сигурен дека неговата инвестиција е заштитена и дека законите важат за сите подеднакво. Владата е отворена и транспарентна, а со Планот за економски раст, нагласил, се обезбедува одржливост на економијата и секој инвеститор однапред ќе знае каква поддршка може да очекува од Владата, без да мора да се спогодува со претставници на власта.

- Владата преку програмата за економски раст ќе работи на поддршка на унапредување на технолошките и производствените процеси на компаниите, со цел да станат поконкурентни, пред се, на меѓународните пазари. Основната цел е да се подигне стандардот на нивното работење и да им се овозможи осовременување и модернизирање на постоечките капацитети и истите да може своите производи да ги пласираат на меѓународни пазари или да станат доверливи и сигурни добавувачи на светски познати компании. Ќе работиме на поддршка на домашните и странските компании, малите, средни и големи компании, резултатите од таа поддршка ќе се рефлектираат преку нови работни места, повисоки плати и зголемен извоз, нагласил вицепремиерот.

Вицепремиерот Анѓушев ги реафирмирал ставовите на Владата дека странските компании се добредојдени во Република Македонија и упатил повик до компаниите од САД и од земјите од Медитеранот да се запознаат со Планот за економски раст и да размислат своите идни инвестиции да ги остварат токму во Република Македонија, стои во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2017 01:27