Со последниот предлог буџет за 2018 година, СДС го погазува достоинството и ги потценува докторите и здравствените работници.

Во овој предлог буџет, предвидено е зголемување на патните трошоци и трошоците за репрезентација на функционерите од владата за повеќе од 20%, додека за докторите специјалисти предвидено е покачување на платите од само 5% или точно 1.500 денари и тоа од септември 2018 година.

Или со други зборови, со оваа динамика ветувањето за 100.000 денари плата на докторите специјалисти, кои ги има се помалку во земјава, ќе се оствари за 12 до 15 години. А, каде се останатите здравствени работници? Каде се платите за специјализантите, на кои што им беше ветено дека за време на специјализацијата достоинствено ќе им биде платена нивната работа?

На овој ли начин владата предводена од СДС, ќе ги задржи лекарите и здравствените работници во земјава? Само со лаги и манипулации.

Со овој предлог буџетот, СДС бесрамно ги лаже докторите и здравствените работници па и пациентите, ја потценува интелигенцијата и достоинството на врвните специјалисти во јавното здравство, на докторите кои третираат пациенти во најтешки здравствени состојби и кои секојдневно спасуваат човечки животи. На овој начин владата на СДС само ќе допринесе докторите специјалисти и здравствените работници што побрзо се иселуваат од земјата.

За ваков третман баравте докторите да гласаат за СДС?

Сакам да потсетам, дека во периодот на владата на ВМРО-ДПМНЕ, платата на докторите се покачи платата за повеќе од 24%. Голем број доктори и медицински персонал беа упатувани на обуки во странство, каде се стекнаа со драгоцени знаења и техники, кои ги применуваат секојдневно во својата работа во јавното здравство.

За СДС, непознат e терминот достоинствен третман, бидејќи тие освен со лаги и манипулации, на друг начин не знаат и не се способни да ги задржат здравствените работици и докторите.

Комисијата за здравство при ВМРО-ДПМНЕ јавно ги повикува сите здруженија на докторите и здравствените работници, сите синдикати на докторите и здравствените работници, ја повикуваме Лекарската Комора на Македонија, Стоматолошката Комора на Македонија, да го кренат својот глас против ваквиот третман и да го сочуваат достоинството на здравствените работници.

Само така можеме да очекуваме подигнување на дигнитетот и достоинството на оваа професија и подобрување на здравствениот систем во Република Македонија.

Ги повикуваме и одговорните во владата на СДС да исполнат барем едно дадено предизборно ветување.

И да не ја потценуваат интелигенцијата и достоинството на докторите и здравствените работници.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2017 15:57