Најстариот светски лидер, 93-годишниот претседател на Зимбабве, Роберт Мугабе, е во домашен притвор во својот дом во Хараре. Војската ја презеде контролата во Зимбабве, но тврди дека не станува збор за државен удар и дека претседателот Роберт Мугабе е на безбедно. За ова јавноста ја информира јужноафриканскиот претседател Џејкоб Зума.

„Мугабе е во притвор во својот дом, но е добро“, кажа Зума, кој разговарал по телефон со претседателот кој со Зимбабве владее речиси четири децении. Зума додаде дека како претседател на Јужноафриканската заедница за развој (САДЦ) испраќа двајца специјални претставници во Зимбабве, својот министер за одбрана и министерот за државна безбедност, за да се сретнат со Мугабе и претставници на војската.

Војската на Зимбабве ја презеде власта рано утринава заземајќи ги кабинетот на Мугабе, парламентот, аеродромот и државната телевизија. Војската се вмеша поради чистката на Мугабе на воените ветерани во владејачката партија.

Ситуацијата во Зимбабве се менува бргу и тешко е да се каже како ќе се развива, изјави британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон. Тој ги повика сите инволвирани страни во кризата во поранешната британска колонија во Јужна Африка да се воздржат од насилство.

Претседателот на Јужна Африка вели дека долгогодишниот лидер на Зимбабве, Роберт Мугабе, се наоѓа во својот дом и дека му е ограничено движењето, а во државата има воени напори за негово соборување по 37 години поминати на власт.

Настаните се реакција на непопуларните потези на Мугабе во кои тој претходно месецов го отпушти својот заменик, Емерсон Мнангагва, и индицира дека планира на местото на соборениот потпретседател да ја назначи првата дама. Многу набљудувачи на потегот за отпуштање на Мнангагва гледаат како на чекор кон поставување на сопругата на Мугабе, Грејс Мугабе, како потпретседател.

Тоа ќе ја стави првата дама на позиција да стане претседател кога нејзиниот 93-годишен сопруг ќе се повлече или почине. На Мнангагва со години се гледаше како на најверојатен наследник на претседателот и тој ужива силна поддршка во армијата. Грејс Мугабе има поддршка во младинското крило на партијата.

На улиците на главниот град Хараре имаше тенкови, еден ден откако шефот на вооружените сили на Зимбабве, генерал Константино Чивенга, предупреди дека тој ќе интервенира ако Мугабе не престане со чистката во владејачката партија. Десетици лица беа уапсени кога потпретседателот беше отпуштен од функцијата на 5 ноември. Владејачката партија на Зимбабве по изјавата на Чивенга го обвини за предавство.

Од американската и британската амбасада ги советуваат своите граѓани кои се наоѓаат во главниот град да останат во своите домови, а британскиот амбасадор на Твитер напиша дека војската останува распоредена „на стратешки локации околу Хараре“. Двете амбасади беа затворени за јавноста.

Сведоците известуваат за најмалку три експлозии и пукање од огнено оружје, кое се слушало во главниот град. Официјален претставник на Стејт департментот изјави дека САД ги охрабруваат граѓаните на Зимбабве да ги решаваат споровите на мирен начин следејќи ги демократските и транспарентните уставни процеси во решавање на разликите.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2017 14:51