Во екот на шпекулациите дека се подготвува пуч во Зимбабве, на власт во таа земја 37 години се наоѓа Роберт Мугабе – светски рекордер по должина на претседателски стаж.

Тој е претседател со најдолг стаж на една африканска држава, а веројатно и во светот, а поради начинот на владеење многумина го обвинувале за насилно гушење на опозицијата и уништување на земјата.

Мугабе е роден на 21 февруари 1924 година, а на власт во Зимбабве е од 1980 година. Бил премиер од 1980 до 1987 година, а од 1987 година станал шеф на државата.

Пред две години е избран за претседател на Африканската унија, што предизвика незадоволство во африканските земји.

Бил лидер на организацијата Африкански национален сојуз на Зимбабве, која се борела за слобода на црномурестото домородско население во тогашна Родезија.

Освен по „цврстата рака“, во Зимбабве е познат и по негативните ставови кон западните земји.

Својата политичка експанзија Мугабе ја почнува во 1960 година кога се придружил на Националната демократска партија, која брзо потоа е забранета бидејќи се спротивставила на администрацијата на премиерот Јан Смит.

Три години подоцна ја напуштил таа партија и се приклучува на Африканската национална унија на Зимбабве, движење кое е создадено врз основа на марксистичкото учење.

Во периодот од 1964 до 1974 година бил во затвор.

Мугабе завршил студии по право и економија на Лондонскиот универзитет.

И покрај неговата влошена здравствена состојба, Мугабе неодамна изјави дека ќе почне да размислува за повлекување од претседателската функција кога ќе наполни 100 години.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2017 14:51