Силна и просперитетна Србија значи повеќе безбедност и стабилност во регионот на Западен Балкан, оцени генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Тој нагласи дека партнерството помеѓу НАТО и Србија напредува добро и дека нема контрадикција помеѓу воената неутралност и партнерството на Србија со Алијансата.

– Го поздравуваме фактот што можеме да се сретнуваме на ваков начин, бидејќи НАТО и Србија се соочуваат со заеднички предизвици, а соработката со НАТО може да биде од корист за Србија и регионот. Нашето партнерство ја прави Србија побезбедна и посигурна и воедно и сојузниците на НАТО се посигурни, посочи Столтенберг и додаде дека е задоволен што Србија се понудила да биде домаќин на заеднички воени вежби за брза реакција на природни непогоди.

Според Столтенберг партнерството на Србија и НАТО може да придонесе во борбата против тероризмот, а Вучиќ побара НАТО да остане во Косово.

– Го замолив, не само да не ја укинуваат мисијата туку и да го продолжат присуството во ненамален обем во Косово и Метохија, истакна Вучиќ на заедничката прес конференција со Столтенберг, по учеството на состанокот на Советот на НАТО.

Вучиќ повтори дека Србија ќе биде воено неутрална, но дека ќе продолжи да ја развива соработката со НАТО.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2017 14:58