Приоритет за Македонија е фискална консолидација со зголемено ниво на приходи и подобрена ефикасност на приходната и расходната страна, наведува Светска банка во редовниот есенски економски извештај за Западен Балкан.

Поради пролонгираната политичка криза, СБ проектира економскиот раст на Македонија до крајот на годинава да изнесува 1,5 проценти. Следната година проекцијата за растот е 3,2 процента, а за 2019 година 3,9 проценти, или во просек за 3,5 проценти, во очекување да закрепнат инвестиците и потрошувачката.

- По разрешувањето на политичката криза главниот ризик е поврзан со фискалната страна. Битно е да се одржи макроекономската стабилност за да не се поткопаат изгледите за раст, рече Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на СБ во Македонија, во обраќањето на прес-конференцијата во Приштина,која беше пренесувана во седиштето на Банката во Скопје.

Главен двигател на растот се очекува да биде приватната потрошувачка, како резултат на се поголемата вработеност, како и зголемувањето на инвестиците поврзани со изградбата на двата автопата.

Фискалниот дефицит се очекува постепено да се намали на 2,2 процента до 2019 година за што Владата треба да почне реформи со зголемување на наплатата на даноците, намалување на трошењето и зголемување на ефикасноста на социјалните трошења. Основното сценарио кое предвидува постепена консолидација на јавниот гарантиран долг и БДП се очекува да се зголеми на 55 проценти до 2019 година.

СБ препорачува зајакнување на прибирањето на даночните приходи и ревидирање на даночните отстапки. Првична препорака, според Бојан Шимбак, економист во СБ, е да се подобри ефикасноста на прибирањето на даноците, а останатите препораки ќе следат по завршување на анализата за јавните финасии.

СБ и препорачува на Македонија и да ја подобри ефикасноста на социјалните трошења, да ги рационализира субвенциите, особено во земјоделството, да обезбеди одржливост на пензискиот систем. Првата препорака е Владата да ги одложи ад хок зголемувањата на пензиите и да се придржува до законската регулатива, што во изминатите години создало притисок на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во подготовка е и техничка анализа која ќе помогне да се намали зависноста на Фондот од трансферите од централната власт.

- Моментално Фондот е во добра кондиција и добива трансфери од централната власт кои се зголемуваат со тек на годините. Целта е да се намали зависноста на пензискиот фонд од тие трансфери. Ние работиме на параметарски измени во законската регулатива кои ќе ги намалат тие притисоци, рече Шимбакна прес-конференција во Скопје.

На новинарско прашање дали во измените на регулативата може да влезе и делот за зголемување на старосната граница за пензионирање, Шимбак наведе дека не може да одговори на тоа прашање.

Посочи дека на пензиите работи конкретен специјалист и оти анализата за измените е во тек.

Како што појасни неговата колешка Барбара Куњак, се разледуваат различни можности кои би биле најделотворни за да и ги препорачаат на Владата.

Во препораката за одржливост на процесот за намалување на невработенсота, СБ укажува дека добар дел од креираните места во изминатите три години се со фискален стимул преку активните мерки за вработување со проектите „Македонија вработува 1 и 2“. - Неплаќањето социјални придонеси, здравствено осигурување и персонален данок за тие работни места создаваат притисоци на пензискиот и Фондот за здравство, рече Шимбак, потенцирајќи дека и покрај постојаниот пад на невработеноста, нема простор за опуштање на ова поле.

Како што информира, првпат по 10 години се забележува дека има позитивен придонес кон извозот од домашните капацитети, а не од зоните, што е за поздравување.

Во текот на оваа година активните мерки на пазарот на труд го поддржаа вработувањето во приватниот сектор. Дефицитот на билансот на плаќање во 2017 година се зголемил главно поради намалениот БДП и покрај намалувањето на трговскиот дефицит. Намалените странски директни инвестици, пак се резултат на репатрацијата на профит и отплата на долгови на компаниите, но сепак придонеле за речиси целосно финансирање на дефицитот на билансот на плаќање.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2017 17:46