Државната каса во 2018 година ќе тежи 3,4 милијарди евра. Пари предвидени за капитални инвестиции, за навремена и непречена исплата на плати, пензии, социјални трансфери, поддршка на домашни компании.

Со парите од Владата ветуваат ефикасно и домаќинско управување и значително намалување на непродуктивните трошоци. Ова, вели и премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Драган Тевдовски, е буџет за финансиска стабилизација, со кој е намален дефицитот на 2,7 проценти од проектираниот за годинава на 2,9 проценти. Ќе се финансира од домашно и надворешно задолжување, а со цел да биде пониско задолжувањето, се зголемува акцизата на нафтата за три денари од 1 јануари 2018 година.

Вкупните приходи за наредната година се поголеми за 4,7 проценти во однос на оваа година, додека приходите за 4,1 процент.

Од даноци се планира да се соберат 114.979 милиони денари што е за 7,5 проценти повеќе од годинава. Од придонеси се очекуваат 55.403 милиони денари, односно за пет проценти повеќе од годинава. Ваквото зголемување е од очекуваното раздвижување на економијата, зголемување на вработеноста и на платите на вработените.

Од вкупните расходи, односно од буџетот за тековни расходи ќе одат 187.100 милиони денари, за плати и надоместоци 27.103 милиони денари, што за 1,8 проценти се повисоки од годинешните, за стоки и услуги 17. 463, и тие се пониски за 1,1 процент. Повеќе пари ќе се трансферираат до општините за 5,2 проценти или 17.947 милиони денари, за 10,5 проценти во однос на оваа година е зголемена ставката за субвенции и трансфери за што се предвидени 17.209 милиони денари, зголемување од 4,1 процент има и кај социјалните трансфери што следната година се проектирани на 98.694 милиони денари и 5,3 проценти зголемување има кај капиталните расходи кои се проектирани 24.645 милиони денари.

Државата најмногу, односно 32 проценти предвидува за социјална и детска заштита, 19 проценти за економски развој и финансиски работи, 14 проценти за здравство, 11 проценти за образование, наука и спорт, по пет проценти за градежништво, транспорт, комуникации и екологија и за јавен ред и безбедност, три проценти за одбрана, по два процента за надворешни работи и ЕУ интеграции и за култура и по еден процент од вкупниот буџет се предвидени за судство и регионален развој.

Повеќе пари следната година ќе добијат Претседателот на РМ, Собранието, Владата, Секретаријатот за европски прашања, Инспекцискиот совет, Министерството за одбрана, Министерството за финансии, Министерството за економијата, Дирекцијата за ТИРЗ, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, Минситерството за образование и наука, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, МИОА….

Помалку пари ќе имаат во Министерството за култура, Министерството за локална самоујправа, Државната комисија за жалби по јавни набавки, Секретаријатот за спроведување на рамковен договор, Агенцијата за странски инвестиции, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Битола, Агенцијата за храна и ветеринарство, Бирото за развој на образованието, Агенцијата за млади и спорт, Јавното обвинителство на РМ…

Владата планира намалување на средствата за непродуктивни трошоци. Расходите за стоки и услуги се проектирани на износ од 17.463 милиони денари, со што се обезбедува редовно и непречено подмирување на обврските на буџетските корисници, вклучувајќи и обезбедување на средства за финансирање на здравствените програми, со цел унапредување на здравјето и подобрување на здравствената заштита на населението. Во текот на 2018 година ќе продолжи определбата за спроведување на рестриктивна буџетска потрошувачка во делот на помалку продуктивните расходи.

За стоки и услуги следната година државата ќе потроши помалку пари за 203 милиони денари во однос на оваа година.

Ќе се трошат повеќе средства за капитални расходи што се проектирани на ниво од 24.645 милиони денари, наменети за интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за довршување на автопатот на Коридор 10 и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

За патната и железничка инфраструктура е предвиден износ од 3.506 милиони денари, во енергетската и комунална инфраструктура 5.778 милиони денари, за здравствениот сектор планирани се инвестиции во износ од 1.859 милиони денари, инвестициите планирани во здравствениот сектор се планирани на ниво од износ од 1.859 милиони денари, во образованието, детската заштита и спортот 2.440 милиони денари, за поддршка на земјоделскиот сектор предвиден е зголемен обем на капитални инвестиции во износ од 2.604 милиони денари и во областа на правосудство планирани се средства во износ од 544 милиони денари.

Во Буџетот се предвидени пари и зголемувања на платите за 10 проценти кај припадниците на АРМ и по пет проценти кај вработените во образованието и градинките, како и здравствените работници. Вкупните средства предвидени за плати во Предлог-буџетот се 27.103 милиони денари.

За пензии се предвидени 54.000 милиони денари, каде е вклучено и предвиденото законско усогласување на пезниите со растот на платите и на трошоците на живот.

Наредната година државата планира да се задолжи вкупно 52,539 милијарди денари на домашниот и странскиот пазар. На домашниот пазар државата предвидува да се задолжи 17,7 милијарди денари, а на странскиот пазар 34,839 милијарди денари.

Задолжувањето во странство може да се реализира преку издавање Еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал или преку повлекување на средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти. Изборот на конкретен извор за надворешно финансирање ќе се темели на тековните и очекуваните состојба на меѓународните пазари на капитал. Со задолжување на домашен пазар на државни хартии од вредност ќе се обезбеди дополнително финансирање под поволни услови, користејќи ги релативно ниските каматни стапки и високиот интерес на инвеститорите на домашниот пазар за државни хартиии од вредност.

Со цел оптимизација на исплатите и намалување на ризикот за рефинансирање, основна заложба на Министерството за финансии ќе биде зголемување на рочноста на издадените хартии од вредност преку издавање државни обврзници со подолги рочности.

Државата ќе се задолжи повеќе од потребното со што се предвидува тие средства од 11.642 милиони денари да бидат насочени во депозити со цел редовно и навремено финансирање на обврските кои доспеваат на среден рок.

Покрај задолжувањето државата планира наредната година износ од 12,246 милиони денари за отплата на домашни задолжувања и 10,418 милиони денари за отплата на странски задолжувања.

Даночни промени не се предвидени освен воведувањето на зголемената акциза на нафтата од кои се проектирани 1,600 милијарди денари. Зголемувањето на акцизата на нафта Владата го предлага како соодветна измена на даночната регулатива. Притоа, сметаат дека ефектите од оваа мерка неколкукратни и тоа зголемување на буџетските приходи, усогласување со европските стандарди и регулативите на ЕУ, како и заштита на животната средина односно намалување на загадувањето.

Со Предлог-буџетот се предвидува македонската економија следната година да има раст од 3,2 проценти, а стапката на инфлација 1,7 проценти.

Предлог-буџетот за 2018 година првпат од осамостојувањето на Македонија се претстави пред јавноста пред да биде усвоен на Владата. Владата веќе го усвои минатата недела и е доставен во Собранието кое треба според најавите да ја почне расправата во собраниските тела на крајот на овој месец.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2017 10:24