Левица изразува чудење од леснотијата со која Министерството за финансии ќе спроведува засилена фискализација и фискална дисциплина врз грбот на работниците и земјоделците.
„Граѓаните мора да сфатат колку е важно да се плаќаат даноците. Без тоа не можеме да ги развиеме столбовите на општеството, образованието, здравството“ – рече министерот Драган Тевдовски на вчерашната прес-конференција.
Користејќи го неопределениот поим „граѓаните“, министерот Тевдовски, со игра на зборови, го одвлече вниманието на јавноста од одговорот на прашањето, кој ќе го сноси товарот на новата фискална политика.
Од целосното излагање на министерот, стана јасно следното:
Ќе се оданочуваат платите на работниците, а не профитите на газдите.
Новата фискална политика предвидува измени во персоналниот данок.
Во исто време, не се предвидени, ниту најавени, измени во данокот на добивка (или корпоративен данок).
Најголемиот терет ќе падне врз земјоделците.
Законските измени го укинуваат даночното ослободување за земјоделците кои годишно остваруваат приход до 300 илјади денари.
Се работи за мнозинството земјоделци, кои претходно ослободени од оданочување, сега ќе плаќаат данок на државата, која за возврат не го гарантира откупот на нивните производи и ги остава незаштитени од пазарот на ниски откупни цени.
Земјоделците кои остваруваат приход помал од 300 илјади денари годишно, најчесто се единствени кои остваруваат приход во семејството.
Но, Владата нема милост за овие семејства и не се задоволи со зголемувањето на цената на дизел горивата и водата, кои особено се користат во земјоделеството. Владата реши да биде уште понемилосрдна. Поради дупката во буџетот, делумно создадена од дуплираните трошоци за дневници и патувања на пратениците, ќе се цедат илјадници семејства, капка по капка, а преку оданочување на приход кој и така не е доволен за подмирување на основите потреби на семејството и семејното производство.
Левица ја повикува Владата да го остави даночното ослободување за овие земјоделци. 300 илјади денари годишно за едно семејство, е износ рамен на дневен приход на големите и средни бизниси.
Не ставајте рака во и онака празните џебови на земјоделците. Ставете рака во преполните џебови на милионерите!
Само така се развиваат столбовите на општеството, образованието и здравството.