На денешната седница на советот на град Скопје ставени се на дневен ред повеќе точки кои за советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија не се прифатливи, бидејќи има работи кои не се во согласност со деловникот. но пред се не се во интерес на граѓаните и отвораат сомнеж за злоупотреби.

Ќе се задржам на три аспекта.

Прво. Спротивно на деловникот се става точка на дневен ред без никакво соодветно образложение за времено месечно ангажирање на 1.000 работници во Јавни комунални претпријатија( претпоставуваме дека се мисли на ЈП Комунална Хигиена). Притоа 8 милиони денари се префрлаат од ставката за градска администрација-други оперативни расходи, на буџетот на јавни комунални претпријатија, притоа ставката од која се земаат парите и ставката на која се префрлаат парите не постојат во буџетот на град Скопје за 2017г. Тоа укажува дека се ангажираат работници за кој нема доволно средства и притоа одлуката е набрзина составена со суштински пропусти а тоа значи дека правно е неиздржана

Она што е поважно, самото ангажирање на нови 1.000 времени работници отвора самото по себе повеќе дилеми:

1. Дали ова не преставува начин за задоволување на партиските апетити со цел партиски да се ангажираат луѓе на кој градот Скопје и владејачката СДС по изборите им се одложува.

2. Висината на предвидениот хонорар ќе изнесува 6.139 денари, од овие пари 2.000 денари ќе треба да потрошат за автобуска карта и за јадење, тоа значи ќе добијат по 4.000 ден/месечно, што секако е далеку од минимумот на 200 евра минимална плата, односно 500 евра просечна плата за кој СДС толку многу се залагаше и го ветуваше пред изборите. Со кратки зборови, лажеа дека ќе има 500 евра просечна плата а сега ангажираат 1000 работници за реални и ниски 4илјади денари, што значи дека се работи или за фиктивни вработувања или за класина злоупотреба на работничкиот труд. Каков е тој живот кој го ветуваа со плата од само 4 илјади денари?

3. предвидениот рок на времено ангажирање на овие луѓе е многу краток и е само еден месец дали не е целта да се купи мир за краток период преку ваквите вработувања на партиска основа и со оглед на тоа дека се работи за зимски период имаме отворен сомнеж дека јавното претпријатие комунална хигиена нема доволно опрема вклучувајќи топла облека за луѓето и ресурси за дневна работа.

4. Со сигурност може да ви кажеме дека за 4.000 ден и ангажирање за само еден месец нема да најдете вработени. А и вие знаете. И затоа мислиме дека е популистичка мерка

За потсетување во периодот додека Коце Трајановски беше градоначалник на Скопје и управуваше со Скопје се ангажираа 250 работници. Тие беа ангажирани за период од 9 месеци и со примања од 9 илјади денари ( 50% повеќе од тоа што сега се предлага)

Вториот аспект кој е скандалозен на денешната седница е точката за давање на согласност за преземање на вработени, каде меѓу другото се предвидува преземање на вработен на позицијата соработник за оценување на ефектот на административните службеници. Дали ова не е вовед во партиска чистка на администрацијата во Град Скопје, зошто е потребен надворешен човек да ја оценува администрацијата на град Скопје, и дали на овој начин се предвидува бркање на вработени од градот Скопје , способните на улица, а да се обезбеди работа на партиските послушници? Ако на ова се додадат и измените на законот за администрација кои ги предлага владата а за кој е извесно дека се прават со цел да се бркаат вработени кои не се подржувачи на СДС, логиката на ваквата одлука предложена од градот Скопје е многу јасна.

За потсетување во изминатиов период не е избркани ниту еден вработен од администрацијата на град Скопје туку се гледало секој да го даде својот професионален допринос за развојот на град Скопје.

Третиот аспект се предложените мерки за намалување на загадувањето на воздухот на подрачјето на град Скопје. Мерката за забрана на возила кои се движат на средно водно пред изборите беше предложена мерка од страна на ВМРО-ДПМНЕ и во тој контекст добро е што градоначалникот Шилегов ќе ја реализираа, но она што е вистински проблематично е отсуството на суштински мерки за прочистување на загадениот воздух. Овие мерки кои се предложени се недоволни, и нема да имаат никаков ефект за прочистување на воздухот. Пред изборите СДС соопшти дека има план за прочистување на воздухот на град Скопје, а еве гледаме дека освен тоа што немаат план ниту стратегија, тие не се занимаваат ниту со тоа да произведат некакви квалитетни мерки кои суштински ќе го подобрат воздухот во Скопје. Ги излажавте граѓаните на Скопје. СДС ја има апсолутната власт во државата и апелираме што побрзо да се излезе со суштински мерки кои граѓаните ги очекуваат. Се друго е евтина и провидна пропаганда и манипулација.

На крај би додала дека ќе се разгледува и извештајот на реализација на буџетот на град Скопје за првите 9 месеци кој покажува дека се започнати и реализирани капитални проекти за град Скопје во време на управувањето од страна на Коце Трајановски. Со оглед дека ова беше изборна година, и дополнително што половина месец градоначалниците беа без валиден потпис, со оглед на проблемот со распишувањето на локалните избори, буџетот е на задоволителен степен на реализација. Се инвестираше во многу булевари, водоводи канализации, многу проекти се започнати и се чекаат ситуациите да се наплатат, и не е стопирана реализација на ниту еден капитален проект.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2017 15:08