Судскиот совет на Хашкиот трибунал денеска повтори дека во јули 1995 е извршен геноцид во Сребреница, но не и во осум други општини во источна Босна, како што се тврдеше во обвинението против командантот на армијата на босанските Срби Ратко Младиќ.
Како што јави Хина, Судот при изрекувањето на пресудата на Младиќ заклучи дека во општините Фоча, Кључ, Котор Варош, Приједор, Сански Мост и Власеница се случиле злосторства над несрпското население, но оти нивната намера не била истребување на народот.
Судскиот совет утврди дека во БиХ имало вооружен судир и дека злосторствата извршени во таа држава имале карактеристики на систематски, масовни и раширени дела.
Такви заклучоци првостепениот совет донесе и во пресудата за поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој беше осуден на 40 година затвор.