Француската агенција за нуклеарна безбедност (ИРСН) на 10 ноември соопшти дека облак со нискo ниво на радиоактивност поминал над дел од Европа и Балканот, што предизвика вознемиреност кај европската јавност и стана една од главните вести во светските медиуми.

Според студијата на француската агенција, облакот, кој имал неконтролирано движење, го содржел радиоактивниот радионуклид Рутениум - 106.

ИРСН изрази уверување дека порастот на радиоактивноста во воздухот над Европа го предизвикал помал инцидент во една нуклеарна постројка во Русија или Казахстан. Се претпоставува дека „можна зона на емитување“ на радиоактивноста била меѓу реката Волга и планината Урал.

Лабараторијата за радиоекологија при Институтот за јавно здравје на Република Македонија за МИА соопшти дека во филтрите за собирање на аеросоли во периодот од 25 септември до 2 октомври годинава е детектирано присуство на Рутениум - 106 со концентрации од 5,77 mBq/m3 (мегабекарел на метар кубен - н.з.).

- Измерената вредност на идентификуваниот радиоизотоп не придонесува кон зголемување на дозата на изложеност на населението и не претставува опасност како по здравјето на луѓето, така и по живата околина, велат од Дирекцијата за радијациона сигурност на Република Македонија за МИА.

Во Македонија, изложеноста на населението на јонизирачко зрачење од радионуклиди кои се присутни во животната средина се проценува врз основа на резултати од мониторинг на животната средина (воздух, вода, седименти, почва, атмосферски талози, вода за пиење, храна, добиточна храна).

Испитувањето на изложеноста на населението од јонизирачко зрачење го врши Институтот за јавно здравје, согласно Правилникот за начинот и мерењето на изложеноста на населението, водење на евиденција и поднесување на извештаи. (Службен весник на Република Македонија бр.126 од 22.09.2010 и годишната програма на Владата на Република Македонија).



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2017 16:04