Банките доверители во „Фени Индустри“ во пишана реакција на обраќањето на Дмитри Черкаски, како што посочуваат, наводниот претставник на Кунико груп, известуваат дека немаат намера преку средствата за информирање да полемизираат со него, за сите негови невистини и небулози изнесени во соопштението.
- Инаку, банките не знаат во кое својство се појавува ова лице, ако се земе предвид дека на социјалната мрежа Линкедин се појавува како лице кое бара работа, пишува во реакцијата со која е приложена и копија од профилот на лицето Дмитри Черкаски, во кој, како што наведуваат, се гледа дека е ЦФО на некоја интернационална група, а кој бара нови можности за вработување, но никаде не се споменува дека има некаква функција во „Кунико“.
Од сето изнесено, според банките доверители, очигледно е дека ни тие самите не се сигурни кој е сопственик на „Фени Индустри“, затоа што зависно од расположението еднаш го претставуваат „Кунико“ како сопственик, а потоа со наводно склучен наводен договор како сопственик го претставуваат „Енекод“.
- Ниту „Фени индустри“ ниту „Кунико“ немаат валиден договор за репрограмирање на обврските кон банките. Предуслов за тоа беше минималното намалување на дел од долгот кон доверителите. Но претставниците на „Кунико“ се изјаснија дека немаат намера понатаму да го финансираат „Фени“, туку ќе го продадат за 1 долар на тој што ќе ги намири обврските кон банките и другите доверители, се вели во реакцијата од банките доверители.
Кунико, како што посочуваат, ќе може да биде релевантен соговорник во разговор со банките доверители само откако ќе ги исплати двете заостанати плати за вработените и дел од доспеаните обврски кон банките, а кои им се добро познати.
- Притоа, не треба да ги лажат вработените дека не е возможно да им се исплати плата од страна на „Кунико“ заради блокада на сметката од страна на банките доверители. Исплатата е законски можна затоа што „Кунико“ тоа еднаш веќе го стори на 20.09.2017 година, кога им ја исплати августовската плата на вработените. На истиот начин нека го направат тоа и сега и нека ги исплатат заостанатите плати на вработените на „Фени Индустри“, стои во реакцијата од банките доверители.