Поминаа три недели од свирепата ликвидација на младиот Јанушев, а убиецот и неговите помагачи се сеуште на слобода.
Како може момче да биде ликвидирано на среде улица во Скопје пред очите на минувачи, а никој да не е приведен после 21 ден?
Како може половина час после бруталната егзекуција сите да ги знаат инволвираните, а полицијата да им дозволи тие слободно да си заминат, да се сокријат?
Кој им помогна да избегаат? Кој ги пренесе до граница? Со чиј автомобил заминаа и кој ги пропушти? Сите овие прашања мора да бидат одговорени и мора да има одговорност?
МВР после две недели излезе со идентитет на едно лице, но нема одговори и за него. Кој го ослободил од затвор и каде е неговата одговорност? Дали знаеле за неговите контакти со подземјето и со структури блиски до СДС ? Од каде му е оружјето, доколку навистина е тој сторителот? Како може лице кое е во затвор туку така да си дојде пред кафуле и ладнокрвно да убие момче?
Целата јавност гледа дека некој ги крие главните играчи кои стојат зад оваа мафијашка ликвидација.
Три недели цело Скопје зборува за идентитетот на убиецот, а јавноста се сомнева дека лицето за кое е распишана потерница, не е вистинскиот убиец, туку обичен криминалец кој ја прифатил на себе одговорноста да биде некаде засолнет и гонет, но за некаков надомест. Граѓаните говорат дека се штити лице блиско до врвот на власта, поврзано со фамозната „Омерта секјурити“, која по доаѓањето на СДС на власт забрзано се шири на пазарот за обезбедување на лица и имот.
Информациите кои кружат во медиумите велат дека инволвираните во убиството на Мартин Јанушев се блиски пријатели на Зоран и Вице Заеви и на криминалната врхушка на СДС.
МВР е ставена во погон на „Омерта“, се затвораат локали кои ја немаат налепницата на агенцијата, а непречено работат оние кои платиле на агенцијата на хунтата на власт.
Граѓаните се исплашени, а во МВР владее молк. Еден ден по убиството на младиот Јанушев, беше пукано и од автомобил во движење во станот на советник на Зоран Заев, во јавноста се шпекулира дека истиот му помагал на убиецот на Јанушев, но МВР не излегува со информации, кој и зошто пукал.
Мафијата владее со државата, а мафијашките кланови охрабрени од хунтата на власт пукаат на сред бел ден и убиваат луѓе на улица.
МВР не ја извршува основната должност на своето постоење - Одржување на јавниот ред и мир и чување на граѓаните. Граѓаните се во грч, мафијата во Македонија во 21 век доби свој заштитник во лицето на Оливер Спасовски и СДС.
За ваквата неодговорност, еден ден некој ќе мора да одговара. Најмалку што може Оливер Спасовски да направи во моментов е да си поднесе оставка.