Македонската кошаркарска репрезентација ја забележа втората победа во вториот дуел од претквалификациите за Европското кошаркарско првенство 2021.
„Црвено-жолтите“ вечерва во СЦ „Јане Сандански“ ја победија Швајцарија со 83:68, по подобрата игра во второто полувреме. Во првиот дел избраниците на селекторот Јорданчо Давитков одиграа под своите можности и тоа придонесе Швајцарците да имаат водство во неколку наврати за на пауза да се отиде со резултат 38:36.
Вторите 20 минути поминаа во знакот на домаќинот. Предводени од Американецот со македонски пасош Хендрикс, Македонија во еден момент имаше и 20 поени предност, доволно за рутинирано да го приведе мечот кон крајот.
Ричард Хендрикс со 16 поени и девет скока беше најдобар поединец во македонскиот состав, Бобан Стајиќ и Стојан Ѓуровски постигнаа по 11, „двоцифрен“ беше и Дамјан Стојановски со 10 поени запиша и седум скока.
Најефикасен на средбата беше Швајцарецот Млаѓан со 23 поени.