Раководството на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел доцна синоќа донесе одлука да продолжи со обидите за формирање „влада на големата коалиција“ со Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Раководството на ЦДУ на четиричасовниот состанок заклучи дека коалицијата со социјалдемократите е најдобро решение за излез од ќорсокакот во кој западна Германија по неуспехот на демохристијаните да формираат мнозинска влада со либералната Слободна демократска партија (ФДП) и Зелените.
- Решителни сме во ставот да имаме ефикасна влада. Ние цврсто веруваме дека такво решение не е малцинска влада, туку коалиција што ќе има парламентарно мнозинство, изјави по состанокот еден од лидерите на ЦДУ и премиер на покраината Шлезвиг-Холштајн, Даниел Гинтер.
Одлуката на конзервативната ЦДУ следи откако во петокот СПД реши да го промени својот став и се согласи на преговори за формирање голема коалиција.
По изборите во септември, на кои социјалдемократите го остварија својот најслаб изборен резултат по Втората светска војна, партијата соопшти да ќе ја раскине досегашната голема коалиција со ЦДУ и ќе премине во опозиција.
Евенталната нова голема коалиција со СПД претходно ја поддржа и лидерот на баварската сестринска партија на ЦДУ - Христијанско социјалната унија (ЦСУ), Хорст Зехофер.
- Коалиција на конзервативците и СПД е најдобра опција за Германија. Таа во секој случај е подобра од коалиција со ФДП и Зелените, нови избори или малцинска влада, изјави Зехофер за „Билд“.
Според анкетата на агенцијата „Емнид“, чии резултати беа објавени денеска, дури 52 отсто од Германците поддржуваат формирање на голема коалиција.